„Синдромот на самоуништувањето во десницата на македонското движење во Бугарија (1918-1934)“ oд Васил Костојчиноски е делото кое по повод 30-годишнината од основањето го објави „Матица Македонска“. Се работи за збирка од релевантни факти низ кои живеело револуционерното движење.
-Состојбите на Македонското револуционерно движење во периодот меѓу двете светски војни по многу свои појавни форми претставуваат специфичен феномен, кој се уште не е дообјаснет, посебно феноменот на меѓусебните убиства наречен „македонски феномен“. Заради тоа, приоритетен предмет на истражувањата дадени во оваа книга не е целината на процесите во Македонското национално движење во периодот од 1918 до 1934 година, туку само еден негов сегмент на меѓусебните убиства. Всушност, феноменот на меѓусебните убиства на македонското движење меѓу двете светски војни секогаш привлекувал големо внимание кај хроничарите на политичките процеси не само во Македонија туку и на Балканот. Комплексноста на проблемот ги натерала историчарите оваа појава да ја дефинираат како „македонски синдром“, вели Костојчиноски во предговорот на книгата.