Протест пред Министерство за образование на кој ќе побараат олеснување на полагањето на државната матура и подобар студентски стандард ќе одржат денеска во 12.30 часот матурантите и студентите. Зад организацијата на протестот се Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС), како и движењето „Студентски отпор“.
-Бараме годинашната генерација матуранти да имаат скратен обем на материјал за завршниот испит или да се намали бројот на интерни испити. Оваа генерација матуранти немале непрекинато една целосна учебна година во нивното четиригодишно средно образование поради корона-кризата и година и пол онлајн-настава и дојавите за бомби, соопштувата од ОДАС.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во вторникот изјави дека за ова барање ќе треба да се разгледа дали и што дозволува законот да се промени во овој период за организација на државната матура.
Во најавата за придружување кон средношколскиот протест, движењето „Студентски отпор“, пак, наведе дека е „крајно време студентот да се избори за своите права и да го искаже револтот на улица, кога институциите немаат слух по повеќемесечните барања на студентите“.
-Студентите се незадоволни од континуираната негрижа од МОН и непочитувањето на законските рокови за исплата на средствата за субвенциониран студентски оброк и за стипендија. МОН доцни и со исплатата на стипендиите – како за оние кои аплицираат по првпат, така и за оние кои ја продолжуваат стипендијата. Незадоволни сме и поради сè уште незапочнатата реконструкција на студентските домови која МОН ја најави за почетокот на годинава, соопштија од „Студентски отпор“.