Забрането користење на името на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“

Новиот министер за правда Кренар Лога вчера го потпиша решението со кое се одбива употребата на името Иван Михајлов за истоименото здружение од Битола. Претходно,  Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употребата на името Иван Михајлов.

– Министерот Лога го потпиша решението имајќи го предвид негативното мислење на Комисијата за употреба на имиња на личности која денеска одржа седница и во образложението за негативното мислење наведе дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ со оглед на неговото јавно и постојано негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура. Величењето и славењето на неговиот лик и дело предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество, соопшти Министерството за правда.

Решението е донесено според новите измени во Законот за здруженија и фондации, каде во член 9-а за употреба на име, презиме, псевдоним, прекар, кратенка или иницијали на личност, наведено е дека согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на личности.

За настанот се огласи и бугарското Министерство за надворешни работи кое соопшти дека со загриженост ги следи случувањата со правото на здружување на Бугарите.

-Одлуките што се подготвуваат имаат значајно влијание врз демократските процеси во нашата соседна земја. Како што е познато, токму со цел објективно толкување на историските настани од заедничката историја меѓу Бугарија и Северна Македонија, двете влади создадоа заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Поради системски блокади на нејзината работа, до сега не е постигната општа оценка за улогата на историските личности од тој период, велат од бугарското МНР.

Претседателот на клубот Љупчо Георгиевски, кој вели дека нема да ја почитуваат одлуката на македонското министерство и нема да се преименуваат.

-Правата ќе си ги бараме на суд ако не избришат од Централниот регистар, а ако судот во РСМ не ни ги даде правата, ќе ги бараме во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, објасни Георгиевски, пренесе БГНЕС.

Исто така, Централниот регистар го одби барањето на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид за усогласување со Законот за здруженија и фондации.

-Централниот регистар во текот на денешниот ден донесе Решение со кое барањето за усогласување од страна на Здружението Цар Борис Трети од Охрид го одби, од причина што од страна на Здружението Цар Борис Трети од Охрид до Централниот регистар во законски предвидениот рок од 30 дена не се доставени бараните документи дадени во известувањето во согласност со Законот за здруженија и фондации, се наведува во соопштението на Централниот регистар.

 

Претходна вестМатурантите и студентите на протест, се бара полесна државна матура и подобар студентски стандард
Следна вестПовеќе од 1200 сообраќајни казни изречени за една недела во Скопје