Се чувствувам горд што го истакав знамето од Кутлеш, рече адвокатот Тони Менкиноски на денешните завршни зборови во судската постапка што против него се води во Основниот суд во Охрид. Тој е обвинет за нарушување на јавниот ред и мир затоа што на празникот Богојавление минатата година, на Самоиловата тврдина во Охрид незаконски го истакнал шеснаесеткракото македонско знаме со сонцето од Кутлеш.
-Без оглед на одлуката на судот ќе продолжам да го истакнувам и ќе се борам тоа да се врати и да биде државно знаме. Она што е многу важно и што сметам дека македонската јавност треба да го слушне,јас не се чувствувам за виновен дека сум го истакнал македонското знаме, бидејќи тоа не е спротивно на ниту еден меѓународен договор, ниту на еден закон. И да е спротивно јас му кажав на судијата, пак ќе го истакнам бидејќи тоа знаме е знаме на културно и национално обележје на нас Македонците, рече адвокатот Менкиноски
На денешното рочиште не се појавија четворицата раководители на охридската полиција кои ја покренаа и прекршочната пријава за поставувањето на знамето, како дело според кое се истакнува „знаме или грб кој не ги содржи обележјата утврдени со закон“. Од тие причини, судијата Милчо Клишески кој го води предметот реши рочиштето да се заокружи со изнесување на доказниот материјал и со завршна изјава на обвинетиот. Со завршниот исказ на обвинетиот заврши процесот по предметот, а судската одлука ќе биде соопштена дополнително.
Основниот суд во Охрид на 29 јануари оваа година донесе ослободителна пресуда по предметот што за истото дело беше покрената против Александар Ѓурчев од Охрид, кој го истакна знамето со сонцето од Кутлеш на ѕидот на Самоиловата тврдина во Охрид, на протестот за поддршка на осудените за настаните од 27 април 2017 година во македонското Собрание.