Методија Шаторов – Шарло е роден на денешен ден пред 126 години, на 10-ти јануари 1897 година во Прилеп. Тој е познат како борец кој уште во годините пред Втората Светска Војна стана еден од водечките личности во македонското комунистичко движење и за своја цел има конечно ослободување на македонскиот народ и признавање на неговиот посебен народен, јазичен и културен идентитет.
Инаку, уште од 1925 година тој бил вклучен во Внатрешната македонска револуционерна организација (Обединета) во која подоцна е задолжен да работи и по „македонска линија“. Таму, Шаторов најрано од сите македонски револуционери и комунистички дејци ја истакнал идејата за создавање посебна македонска национална организација или партија.
Кон крајот на 1928 година Шарло е уапсен и останува во затвор до јули 1929 година, кога е ослободен по што заминува во тогашниот СССР, каде што работи како функционер во Коминтерната, оди и во Париз каде помага за водење на Шпанската граѓанска војна, а потоа во 1939 година се враќа во родниот Прилеп.
Учествува и на Петтата земска конференција на КПЈ во октомври 1940 година во Загреб, на која е избран за член на ЦК КПЈ и на која остава забележителен впечаток со својата дискусија против српската колонизација на Македонија. Неполн месец по окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во април 1941 година, Шарло го упатува своето „Писмо до Стојана“ во кое го истакнува ставот дека Македонија не е ослободена од страна на бугарските војски, туку дека една туѓа власт е заменета со друга туѓа власт и дека народот всушност не ја добил својата слобода.
Но, таа година се случуваат и драматични настапи поврзани со него. Тогашното раководство на југословенското комунистичко движење го обвинува за неовластено приклучување на македонската партиска организација кон Бугарската работничка партија (комунисти), за негативен став спрема колонистите во Македонија…
Шаторов бил сменет од должноста политички секретар и исклучен од Партијата. Тој тогаш упатува молба да оди во Скопски партизански одред за да се бори со оружје во раце, но тоа не му се прифаќа. Шаторов го напушта Скопје и оди во Софија каде се вклучува во бугарското антифашистичко движење се додека на 4 септември 1944 година, само неколку дена пред ослободувањето на Бугарија од страна на Црвената Армија, при една акција на бугарската војска против партизаните, во фазата на повлекување пред непријателот, Шарло загинува под неразјаснети околности.
По војната, на неговата рехабилитација се чекаше повеќе од 60 години. Тогаш, на научниот собор во МАНУ македонските историчари и расветлија сите важни настани врзани за неговото делување, а кои до тогаш беа претставувани во поинакво светло. Историчарите на собирот укажуваа дека вистинските причини за елиминацијата на Методија Шаторов од должноста политички секретар на Покраинскиот комитет лежела во неговата македонска платформа, која се потпира врз правото на самоопределување до отцепување на секој народ посебно, односно врз правото за сопствена суверена држава на Балканот. Тогаш беа наведени и бројни документи од кои се гледаа неговите заложби со кои ги повикал македонскиот народ и народностите во Македонија во заедничка борба за слобода: „Да се обединат сите Македонци и други народности во Македонија за општо свое право за слобода и рамноправност, но не цепење на македонската земја и македонскиот народ“ кажал тој во 1941 година.