Мицкоски: Ако изразувањето незадоволство на ДУИ е на штета на унитарниот карактер, тогаш ние како Влада ќе мора да го заштитиме

Секој има право да ги користи демократските алатки да го изрази своето незадоволство. Но, доколку тоа незадоволство биде на штета на унитарниот карактер или на штета на законите и Уставот, тогаш ние како Влада ќе мораме тоа да го заштитиме, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој така реагира на вчерашната изјава на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека „оваа влада нема етнички легитимитет“ и дека тие ќе го демонстрираат нивното незадоволство од таа „неправедна одлука и непочитувањето на легитимитетот“.

Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски рече дека „Македонија е демократска земја“ во која правото на секој граѓанин не е гарантирано по етничка припадност, туку како право на граѓанин. Како што рече, вчудоневиден е од ДУИ и од раководството на таа партија што не извлекле поука „дека е потребно да го искористат овој период во опозиција да се реформираат кадровски и програмски“ за на наредни избори да понудат нови решенија.

– Вчудоневиден сум како раководството на ДУИ ги дели Албанците како никој досега во минатото во Македонија, на Албанци коишто се подобни, и Албанци коишто се неподобни. Тоа го прави раководството на ДУИ коешто се повикува на легитимитет од страна на Албанците. Јас жалам што продолжуваат да тонат во своето политичко мочуриште и мојата порака до нив е исто како и кон СДСМ, ви подаваме рака – секогаш кога станува збор за државниот интерес, интересот на граѓаните и државата да застанат рамо до рамо со владините политики и да изградиме политика, да изградиме консензус, истакна Мицкоски по поставувањето камен-темелник за нова градинка во општината Бутел.

На прашањето дали „се стега обрачот околу ДУИ“ со првите одлуки на Владата, како што е поништувањето на одлуката за факултет за здравствени науки на Универзитетот на Рамиз Мерко во Струга и укинувањето на економските директори во Клиничкиот центар, Мицкоски за планираниот факултет одговори дека се работи за укинување на претходно издаденото решение бидејќи, рече, „спротивно е на законите и не ги исполнува критериумите и условите“.

-Ако длабоко навлезете во таа постапка, ќе видите дека практично комисијата којашто претходно издала согласност, истата таа комисија ја поништува претходно издадената согласност. Така што на Министерството не му преостануваше ништо друго, освен да постапи по тие насоки, и затоа претходната согласност за организирање на таков тип студии на универзитетот е практично поништена таа согласност и сега тие таму немаат веќе право да организираат таков тип на високообразовна настава, рече Мицкоски.

Претходна вестМицкоски најавува: Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ќе се спојат во една агенција
Следна вестТаравари предлага: Приватните специјализанти да добијат решение, а да работат каде што има дефицит на кадар