Мицкоски: Актуелната власт донесе цикличен артаноиден хибриден режим

Во овие 15 дена од кампањата за првиот круг за претседателски избори буквално насекаде низ Македонија се чувствува победничката атмосфера, се чувствува како граѓаните се обединуваат околу желбата за промени, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од синоќешниот митинг во Ранковце.

Тој ги повика граѓаните масовно да излезат на изборите на 24-ти април и да го поддржат идниот претседател на Македонија, професорката Гордана Силјановска Давкова.

-Тоа е многу важно затоа што државата ни е одземена од мала група на луѓе кои што се дел од раководството на ДУИ и неколкумина измеќари од СДСМ кои што цело време за да добијат некое парче коска од наместените тендери, да добијат некое ситно евро во џебот и да ги задржат своите фотелји упорно и упорно шест и половина години измеќарат на овие од Мала Речица, појасни Мицкоски.

Мицкоски додаде дека Македонија ја претворија во еден вид на артаноиден режим. Таква е денеска Македонија поради дел од раководството на ДУИ и неколкумина измеќари од СДСМ.

-Пред шест и половина години овие што сега се Влада ни ветуваа дека ќе донесат слобода, ќе донесат правда, подобар живот, подостоинствен живот, поквалитетен живот за граѓаните, повеќе пари за граѓаните. А, во суштина што направија? Донесоа цикличен артаноиден хибриден режим. Кога велам артаноиден тука мислам и на неговиот ментор, а тоа е Али Ахмети од Зајас, кој што денеска ја доби Македонија на тацна од Ковачевски, Зечевиќ и останатите неколкумина политичари во раководството на СДСМ, кои се покажаа и докажаа како главни измеќари, укажа Мицкоски.

Тој посочи дека никој не очекуваше една државотворна партија СДСМ да се претвори во гранапче на Али Ахмети, на Артан, на ДУИ и да бидат главни измеќари само за да ги задржат своите позиции.

Претходна вестКовачевски од Охрид: Изборот е меѓу мораториум и европска иднина
Следна вестЦУК: Гореа две диви депонии во Желино и во Боговиње