За време на заклетвата ќе ја изговорам срамната придавка но ќе направам се што можам тој срам да го исправам, а во овој момент сум немоќен, изјави синоќа новиот македонски премиер Христијан Мицкоски. Тој се обрати на крајот од собраниската дебата и пред гласањето од страна на пратениците. Новиот премиер порача и дека во вакви околности нема да има уставни промени.
-Да ви појаснам дека ваков бугарски диктат под вакви околности додека сум јас премиер нема да помине и нема да има уставни измени. Направивте грешка, таа грешка секој еден граѓанин ќе го чини многу, но најмногу ќе ја чини Македонија. Луѓето што ме знаат, знаат дека мојот збор планини тежи и овие работи што ви ги кажувам ги кажувам затоа што верувам во тоа и да ќе ја кажам срамната придавка пред заклетвата затоа што тоа мене лично ме потсетува на срамот што и го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство и моите неродени внуци и на тие по нив. И да ќе правам се додека сум жив политички и како човек се што е во моја моќ оваа неправда да ја исправам, за жал во овој момент сум немоќен и во овој момент и јас како човек ќе морам да капитулирам пред вас и да ја кажам таа срамна придавка затоа што таа за жал е дел од законот и Уставот што морам како претседател на владата да ги почитувам, рече Микоски.
Обраќајќи се на опонентите од СДСМ им порача дека ќе им биде потребно време за да ја вратат изгубената довербата од граѓаните.
-Нападите кои ги слушам овие два дена генерално се сведуваат на две тези. Првата е Преспанскиот договор и вратете го името, втората е францускиот предлог и преговарачката рамка. Но вие не ја научивте лекцијата од граѓаните. Кој сум јас да ви делам совети но еве ќе си дозволам да ви дадам два совети. Првиот совет е дека со овие лаги и конструкции што ги слушаме овие два дена нема да повратите довербата кај граѓаните. Затоа што тие точно знаат што правевте и зошто ја изгубивте довербата кај граѓаните ќе треба време да ја повратите. Изборите ги изгубивте затоа што ви играа фудбалчиња понижувајќи пред се вас како личности вашите коалициони партнери а потоа и Македонија како држава. Изборите ги изгубивте затоа што ви се случија Ласкарци, Беса транс, модуларната болница кога луѓе живи гореа а виновен беше кабелот, ви се случија овие порази на изборите затоа што голобради момчиња по некоја случајност роднински поврзани со лидери на ваши коалициони партнери купуваа трговски центри во центарот на Скопје, поразот ви се случи затоа што се возат најскапи ролс ројсеви во едно рурално место во западна Македонија, изјави Мицкоски.
Избраниот премиер на државата и министрите во владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, коалицијата на албанските партии ВЛЕН и движењето ЗНАМ положија заклетва, во која го изговорија уставното име на државата Република Северна Македонија и ги потпишаа свечените изјави.