Неспособноста на власта на СДСМ и ДУИ да менаџира со целата криза преставува најголемата закана за сигурноста на секое семејство во Македонија, порача на денешната прес-конференција Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека за граѓаните на Македонија настапиле драматични времиња при што најголемата закана по сигурноста и секојдневието на семејствата е токму растечката инфлација, ценовните шокови кои се случуваат на дневно ниво.
-И во вакви едни околности на власта на СДСМ и ДУИ и треба дефокусирање на вниманието од животот во ценовни шокови и енормна инфлација и зголемена сиромаштија. И затоа во моментот се случуваат два паралелни процеси. Едниот е посипување на лаги, наметнување на систем на лажни обвинувања, сеење на пердуви кон опозицијата, кон ВМРО-ДПМНЕ и мене лично, а целта на сето ова е јавноста да се занимава со лагите наместо со ценовните шокови и катастрофата во којашто живееме. Вториот процес е дефокусирање на јавноста преку судски процеси и политички прогон како што го гледаме преку случајот Талир 2. И тука да бидеме на чисто, мојот став и понатаму е и родената сестра ако се огреши пред законот треба да одговара, но не преку политички монтирани процеси и окторирани и партизирани обвинители и судии, нагласи тој.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на судската пресуда за случајот „Талир 2“ која, според него, наликуваше на „политички процес во режија на СДСМ, ДУИ, обвинителите и судиите“.
– Овој кривичен предмет е поднесен незаконито од неовластен тужител, надвор од рокот од 18 месеци. ВМРО-ДПМНЕ во овој предмет не е обвинет, односно не е странка во постапката, а со пресудата се одзема имотот на ВМРО-ДПМНЕ, со што се повредува уставно загарантираното право на сопственост, без да при тоа се сослуша претставникот на политичката партија согласно одредбите од законот за кривичната постапка, рече Мицкоски.
Тој објасни дека е нелогично како овој договор е незаконит само за ВМРО-ДПМНЕ и се конфискува имотот кој го стекнала партијата, а е законит партнерот во тој договор и не му е имотот конфискуван. Уште една нелогичност е дека предмет на конфискација е исклучиво објектот сопственост на партијата, а не и земјиштето на кое објектот е изграден.
-Ние на сето ова ќе вложиме жалба откако писмено ќе ја добиеме пресудата пред Апелациониот суд, не очекуваме дека нешто може во ова партизирано и октороирано обвинителство и судство да се измени, но ние ќе ги искористиме сите правни механизми кои ни стојат на располагање, а ќе ја разгледаме и опцијата да отвориме постапка и пред судот во Стразбур и правдата ќе биде докажана. Еден новинар неодамна ме праша која е причината за судската одлука за Талир? Одговорот е следен. Вистинската причина се тонењето на рејтингот на власта на СДСМ и ДУИ, најави лидерот на партијата.
Тој ги прокоментира и трите барања на бугарскиот премиер Кирил Петков за отворениот спор меѓу Македонија и Бугарија.
– Тие три барања се порадикални и од барањата на Каракачанов. Затоа што он вели вака „Декларацијата од Параментот“ – таа е ултраасимилаторска и хегемонистичка, потоа вели „Бугарите во Уставот“ и конечно на крај викаат „Договорот за добрососедство“. Не знам кој нормален човек од Македонија ова ќе го прифати. Јас не знам дали има таков човек. Па дури и овие кои ние мислиме дека се комплетно отсутни кога станува збор за националните интереси, мислам дури ни тие ова не може да го прифатат, рече Мицкоски.
Според него, ова е обид на Петков да ја одржи како таква коалицијата во Бугарија со, како што вели, „ултра радикален национализам“.
– Се гледа дека човекот политички лута, од тоа што се претставуваше како либерал со отворени сфаќања, сега да тврди ултра националистички барања. Нормално дека тоа нема да го прифатиме. Додека не видиме гаранции на маса со кои се поништува резолуцијата од ноември 2019 година, додека не добиеме еден документ за да имаме основа да дискутираме за се останато, не ја гледам поентата на тие преговори. После оваа изјава негова не знам зошто воопшто преговараме, нагласи Мицкоски.