Мицкоски: Очекувам ДУИ да оди во опозиција, немаме ни елементарна доверба за соработка со нив

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска со порака до ДУИ „жалам што раководството на ДУИ се уште живее во некои времиња кои се веќе минато“. Тој ги потсетува дека Македонија е на сите граѓани, ниту е федерација, ниту е би, три или четиринационална држава, според Уставот е на сите граѓани, а според демократијата, оној што има 61 пратеник ја формира владата.

-Не знам како пресметале дека се претставници на мнозинското немакедонско население. Мислам дека сите сме граѓани на Македонија, Македонци, и ценам дека политиката не треба да се гледа како „шведска маса“ па ДУИ да земе малку од СДСМ, малку од ВМРО-ДПМНЕ, малку од друга политичка партија. ДУИ беше 6,5 години со СДСМ во Владата, поразени се во првиот круг претседателски избори, очекувам да бидат поразени и по парламентарните избори и очекувам ДУИ да биде опозиција за неколку недели, рече Мицкоски.

Тој уште еднаш напомена дека на 8 мај очекува убедлива победа на Гордана Силјановска Давкова и на коалицијата „Твоја Македонија“, а за коалицирањето со „Вреди“ и уставните измени ќе се разговара, рече, по изборите. Доколку уставните измени се услов за соработка, повтори дека тој и неговата партија не функционираат врз основа на уцени и закани. Засега, напомена Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ е фокусирана на изборите, а по нивното завршување ќе се седне на маса со опозициските партии.

Тој го прокоментира и ставот на Али Ахмети кој повикува на Мајскиот договор.

-Демократијата се темели на принципот – кој има мнозинство во Палраментот ја формира владата. Не знам за кој Мајски договор зборува ДУИ, не знам за кое правило „победник со победник“. Имаше едно правило во минатото „победник со победник“ кое е резултат на договор од минатото, тој договор и тоа правило самите го прекршија во 2017 година и повторно би потсетил дека политиката не смееме да ја гледаме како „шведска маса“, настрана што ако ВМРО-ДПМНЕ освои мнозинство, како што се очекува, нема ниту елементарна доверба да соработува со ДУИ. Така што, тие мора да одат во опозиција, подвлече Мицкоски.

 

Претходна вестДимитриевски постави услови:  Во наредните 24 часа раководството на СДСМ да поднесе оставки, ВМРО-ДПМНЕ да не заговара јавна или тајна соработка со Заев
Следна вестПроменливо облачно и топло со попладневен дожд