Михаил Иванов, поранешен советник на бугарскиот претседател Желев: Се приклучувам кон повикот на Пендаровски

Став дека се приклучува кон повикот на македонскиот претседател Стево Пендаровски искажа Михаил Иванов, кој беше советник на поранешниот бугарски претседател Жељу Желев. Во објавата на неговиот профил на Фејсбук, Иванов, кој е универзитетски професор, ја пренесува и целосната изјава на шефот на македонската држава дадени на одбележувањето на 80-годишнината на депортацијата на Евреите од Македонија во 1943 година во логорот Треблинка, а организирана од тогашната бугарска окупациона полиција. Пендаровски порача дека за да има помирување треба да има извинување за улогата на профашистичката влада на Софија во тоа време за депортацијата на македонските Евреи.

-Стево Пендаровски: „Правдата значи да се препознае и именува вистината, а таа да се почитува од сите. „За да има помирување, мора да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи“. Се приклучувам на повикот на македонскиот претседател, напиша во објавата Иванов.

Професорот Иванов на својот фејсбук-профил исто така напиша дека се согласува со изјавите на Горан Садикарио, директорот на Музејот на холокаустот во Скопје.

-Го слушам Горан Садикарио и ме боли. Затоа што тој е апсолутно во право. Зошто не слушам од демократските политички партии за срамната ситуација во која генералот Радев и неговата придружба ја ставија Бугарија, вели Иванов.

Од друга страна, за Ангел Димитров, копретседател на Заедничката мултидисциплинарна и експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, изјавата на Пендаровски е неприфатлива.

-Така да се зборува за Бугарија е крајно неприфатливо, дури и неточно од страна на политичар со огромна одговорност, чија цел треба да биде воспоставување добри дипломатски односи меѓу нашите две земји. Да се ​​префрла несразмерна вина на Бугарија за депортацијата на Евреите од територијата на денешна Република Северна Македонија е несериозно, изјави Ангел Димитров.

Димитров смета дека Бугарија е единствената земја во Европа која, од една страна, била сојузник со нацистичка Германија, но не потпаднала под нејзиниот притисок и ги спасила сите свои Евреи. Тој вели дека над 10.000 Евреи со помош на бугарските дипломатски претставништва во Европа успеале да добијат документи и преку Бугарија да добијат спас.

-Да се припишува вина на Бугарија е несериозно, бидејќи депортацијата се случи на настојување и под контрола на претставници на нацистичка Германија, додаде Димитров.

Тој смета дека Бугарија во тоа време не ги поседувала тие територии, туку само управувала со нив.

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски на официјалниот Фејсбук профил реагира дека денешната изјава на претседателот Пендаровски е „скандалозна и антибугарска“.

-Нашето МНР мора да реагира итно и да побара извинување од Пендаровски. Уште еднаш лажеше дека властите во Софија се вклучени во депортацијата на Евреите од територијата на денешната Северна Македонија. Докажан историски факт е дека ова е целосна лага. Одделно Пендаровски кажа уште една лага, прогласувајќи ја власта во Софија за профашистичка влада. Докажан историски факт – Кралството Бугарија никогаш не било на власт ниту владеело ниту со фашистички ниту национал социјалисти, пишува Џамбаски.

 

Претходна вестНаутро студено, преку ден сончево
Следна вестКосовец крадел во трговски центар во Скопје