Министерот Шаќири побрза да ги исплати стипендиите пред студентскиот протест

Исплатени се парите кои МОН им ги должи на студентите на име на стипендиите. Ова вест претпладнево ја соопшти министерот за образование Јетон Шаќири, порачувајќи им на студентите да не подлегнуваат на злонамерните повици на протести.

-Драги студенти, додека го читате овој пост на вашата сметка ги имате средствата за стипендија сите вие студенти кои ги исполнивте условите за продолжување и ретроактивното плаќање со спогодба. Искрено сакам да изразам благодарност до сите сектори низ кои се одвива процесот на стипендиите додека не стигнат до вас. Ве повикувам да ја искористите концентрацијата и енергијата за поголем успех на испитите кои ги имате оваа недела, апелирам да не дозволите да бидете манипулирани од дезинформации и злонамерни повици. Со среќа, напиша Шаќири на својот Фејсбук-профил.

Потсетува и дека е зголемен износот за студентскиот оброк и на стипендиите и платена е и разликата на стипендиите за претходниот период со што, додава тој, „докажавме дека работиме посветено за студентите“.

До исплатата доаѓа откако Универзитетското студентско собрание на УКИМ за попладне во 14 часот пред Министерството за образование и наука закажа протест на студентите. Преку протест студентите ќе искажат револт од ненавремената исплата на продолжените студентски стипендии, задоцнетите исплати на ваучерите за превоз, доцнењата со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите и проблемите со мерката субвенциониран студентски оброк.

Протестот е поддржан од студенти од уште неколку други универзитети во земјава, а најави дека ќе им се придружи и неформалната организација „Студентски отпор“.

 

Претходна вестБледо роденденско потсетување на Гоце Делчев, а треба секој ден да му се навраќаме
Следна вестПочна штрајкот на вработените во ФЗО, се бара да остане декемвриската плата