Бледо роденденско потсетување на Гоце Делчев, а треба секој ден да му се навраќаме

Во Македонија вчера се одбележаа 152 години од раѓањето на големиот револуционер Гоце Делчев. Визионерот, учителот… кој животот го даде за слободата на Македонија и Македонците, предизвика за жал само скромно раздвижување – празнување.

Во чест на раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност повеќе делегации положија цвеќе на неговиот саркофаг во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Видно беше отсуството на повеќето врвни македонски функционери. Зошто?

Делчев пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите за разлика од денешниве светски „визионери“. А и овие нашиве во визијата како да имаат се повеќе други идеи. Може затоа и немаше длабок наклон со кој ќе изразеа благодарност за се што Делчев направи за идните (сегашните) македонски генерации. Немаше ниту други организирани настани, проекти…

А да потсетиме што великанот беседеше пред години и години:

-Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце.

-Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население.

-Тоа е патот за ослободувањето на народите од туѓо его. По него оделе Грците, Србите, Бугарите. По тој пат треба да одиме и ние, Македонците, за да се ослободиме од Турците.     

-Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа…

-Македонија има свои интереси и своја политика. Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец.

Ете, зошто цела Македонија секој ден треба да се навраќа на Делчев, а не и на негов роденден бледо да си припомни за неговите големи дела.

Се потсетуваат ли на кажаното од великанот сегашните македонските политичари? Ќе ги има ли овие работи во учебници по предметот историја кој нели требало да се реформира?

Инаку, за потсетување: македонскиот великан Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава. Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер. Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

 

Претходна вестЦУК: Во изминатото деноноќие 19 пожари на нискостеблеста шума
Следна вестМинистерот Шаќири побрза да ги исплати стипендиите пред студентскиот протест