Почна штрајкот на вработените во ФЗО, се бара да остане декемвриската плата

Вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) стапија во штрајк. Сите подрачни единици, како што беше најавено, денеска нема да извршуваат работни задачи, освен оние најитните.

– Револтот кај вработените е огромен. Штрајкуваат и оние кои се во други синдикати. Да останат оние плати што ги добивме со декемвриската. Не бараме ништо повеќе, ами само да ни останат платите во висина како што беа со декемвриската. Штрајкот нема да престане, дури и по цена да не земат плата, како што е сега случајот. Во моментов, вработените во ФЗО немаат плата, рече претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски.

Штрајкувачите апелираат Владата на утрешната седница да стави точка на дневен ред и да го разгледа нивното барање за што веќе испратиле допис до техничкиот премиер Талат Џафери. Бараат да донесат нов заклучок со препорака вредноста на бодот од 77,16 денари да остане иста до крајот на оваа година.

Претседателот Деаноски вели дека е лага соопштението од Министерството за финансии дека ако не се намалат платите на вработените во Фондот, ќе нема пари за лекови за граѓаните.

Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на ФЗО, додаде дека досега нема пријавено никакви инциденти, ниту проблеми.

– Граѓаните се свесни за ситуацијата во која се наоѓаме, нагласи тој.

На прашањето, што од денеска нема да добиваат граѓаните, кои услуги се скратени, тој додаде граѓаните да не се мачат воопшто да доаѓаат за барање за рехабилитација, за ортопедски помагала, заверка на ортопедски помагала, за надомест за породилно, за надомест за исплата на боледување, за осигурување во странство, за двојазичните обрасци и така натаму.

Претходна вестМинистерот Шаќири побрза да ги исплати стипендиите пред студентскиот протест
Следна вестПоскапува бензинот, поевтинува дизелот