Студентите му покажаа црвен картон на министерот Шаќири

Црвен картон му покажаа студентите на министерот за образование Јетон Шаќири на денешниот протест поради неисплаќањето стипендии и други субвенции. Претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ Александар Николовски рече дека сакаа нивниот глас да биде слушнат.

– Покажуваме црвен картон кон вработените во МОН и УСС се залага студентите во иднина да бидат слушнати и нивниот глас да биде уважен. Во фб-статусот на министерот Јетон Шаќири беше напишано дека се легнати средствата, но според ветувањето средствата требаше да бидат легнати првично на средината на јануари, па крај на јануари. И тоа е само за стипендиите. Покрај тоа, имавме средства за ретроактивна исплата, имавме мерка ваучери за превоз, како и проблеми со студентскиот оброк. Така што, овој револт е создаден поради ненавремената исплата на сите мерки и неодговорното работење на самата институција, изјави Николовски.

Николовски и Савче Ѓошева, студентска правобранителка на УКИМ, соопштија дека  бараат промена  на самиот систем и дека следен чекор ќе им биде иницијатива за воспоставување календар на активности на кои МОН ќе треба да се придржи и да има навремена исплата на сите студентски мерки. Ќе бараат, рече, и промена во Законот за студентски стандард.

-Според законот, МОН покрива 50 проценти од трошокот за студентите, што не е во ред бидејќи доколку се покачат трошоците, а тие се покачени, за студентските домови и квалитетот на храната, тогаш ќе треба да трпи законот измена и да се понесат повеќе финансиски средства кон студентските домови, рече Николовски.

Студентите на протестот го повикуваа министерот да дојде, но ја одбија неговата покана да имаат средба во МОН.

Претходна вестЦелта за Нето-нула емисии на стакленички гасови на Јунајтед Груп доби одобрение од Иницијативата за научно засновани цели (SBTi)
Следна вестМиовски има нов менаџер во Абердин, Нил Ворнок