Министерот за здравство Азир Алиу денеска ги објави резултатите од анализата на ангажираната странска комисија, во врска со неодамнешните сомнежи кои ги изрази кардиологот Сашко Кедев дека во приватните и државните болници има неправилности во дел од третманите и интервенциите на срце, кои укажуваат на сомнителни упатувања на кардиолошки и кардиохируршки интервенции.
Министерот нагласи дека од вкупно анализирани 13 предмети поврзани со сомнежи за непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција, странската комисија само кај четири пациенти констатирала дека обезбедениот третман во целина бил медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди на клиничка пракса.
-Кај останатите девет пациенти, според странските експерти, документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација, на пример несогласување меѓу ангиографски наоди од коронарографијата и писмениот извештај, по што следувала несоодветна индикација за процедурите, било ендоваскуларни или хируршки – рече министерот Алиу и најави дека предметите ќе бидат доставени до Владата, до Јавното обвинителство и останатите надлежни институции.




