Министрите сосе премиерот вака мегаломански ли се задолжуваат и по дома?

Македонија станува се позадолжена држава. Премногу често големи кредити се земаат. Се чини, земјава веќе е и презадолжена.

Задолжи се за да се раздолжиш и така уште повеќе задолжи се. По ваков принцип, се чини, функционира состојбата со надворешниот долг во државата кој од година во година станува се поголем и сега стаса до околу 8,3 милијарди евра. Огромна сума.

Сепак, од друга страна, министерството за финансии пред десетина дена се пофали дека во третиот квартал од годинава долгот се намалил како процентуално учество во структурата на БДП.

– Со регистрирано ниво од 55,8 отсто од БДП, јавниот долг се врати на нивото од пред 2020 година, пред пандемијата, односно тој е понизок за 3,9 проценти и од нивото на јавниот долг во 2020 година, се пофали тогаш Министерството.

Но, дали тоа е вистински тренд или се работи само за моментална состојба по големото раздолжување и исплата на одредени рати за странските кредити кои беа отпорано земени? Ќе следи ново задолжување?

Опозициските партии деновиве веќе предупредуваат дека ќе се случи ново, уште поголемо задолжување. Така, од ВМРО-ДПМНЕ предупредуваат дека државата сега, до крајот на годината, ќе се задолжи за нови 500 милиони евра и тоа со употреба на „европското знаменце“.

-Власта продолжува со самоволието. Без срам и перде повторно се злоупотребува европското знаменце за на брза лента да се задолжи државата за нови 190 милиони евра. Во овој период актуелни се два заеми, од кој првиот директно е во износ од 100 милиони евра и другиот од 90 милиони евра. До крајот на 2023та година освен овие два кредита, до Собранието ќе стигнат уште задолжувања со што државата ќе се задолжи за 500 милиони евра со што јавниот долг ќе биде 8,5 милијарди евра, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Реакција има и од опозициската „Левица“.

 За антимакедонската и недемократската гарнитура на власт очигледно ништо не значат критиките на ЕУ за злоупотребата на европското знаме. Во собраниска процедура, по скратена постапка, со шверц со европско знаме, влегоа два предлог-закони за задолжување на Македонија. Едниот заем кај Кредитна банка за обнова (КФВ) во износ од 90 милиони евра, за резерви или директна поддршка на Буџетот. Вториот од ЕУ во износ од 100 милиони евра за макро-финансиска поддршка. Заемите од овие закони треба да се отплатат за 15 години. Вкупниот јавен долг има тенденција и понатаму да расте, 75 отсто од јавниот долг се користи за финансирање на буџетскиот дефицит поради проектирани повисоки расходи од приходи. Во Македонија стана пракса да се земаат кредити за да се покријат стари долгови и тоа оди постојано во циклуси, реагира Левица.

Власта до сега не ги демантира тврдењата на опозицијата за новите задолжувања. Значи ли тоа дека јавниот долг во државата до крајот на годината ќе достигне цели 8,5 милијарди евра, што е најголемо ниво во изминативе три децении?

Не се објаснува ни како ќе се враќаат овие пари со кои се задолжуваат нови и нови генерации во земјава. Ќе излезе дека на почетокот на јануари секој македонски граѓанин ќе должи околу 4.600 евра. Тоа само одново потврдува колку властите лесно ја задолжуваат Македонија.

За илустрација само, во 2006 година јавниот долг изнесуваше 1,8 милијарди евра, во 2017 – 4,7 милијарди, а сега е на ниво од 8,3 милијарди евра…

Министрите сосе премиерот вака мегаломански се задолжуваат и по дома, во своите семејства?

Претходна вестРК Алкалоид тактички подготвен го пречекува данскиот Солкеборг
Следна вестСДСМ се поосамен, и во ДУИ преовладува ставот за истовремени парламентарни и претседателски избори