Поделбите во македонското општество се поопасни и од пандемијата. Од вирусот ќе стекнеме некако имунитет, ама за жестоките поделби во Македонија нема вакцина, на тоа треба да се работи, делува, објаснува…, а нема кој. Сите функционери само повикуваат на општо единство, но си тераат по својата замисла без да се адаптираат и на другите – различните, со што и би се постигнало посакуваното заедништво.
Еве сега и со начинот како се подготвува пописот се прави голем расцеп кај граѓаните. До крајот на денот во македонскиот парламент треба да заврши расправата по Предлогот на заканот за пописот на населението. Дали предложениот закон и ќе се изгласа останува да се види. Но, јасно е дека власта и опозицијата останаа да дијаметрално спротивни ставови околу она што е прелдожено како решение за пописот. За власта определените решенија се одлични, за опозицијата се е тоа политички договорен попис со чии резултати ќе се манипулира.
Денеска и шефот на државата Стево Пендаровски предупреди на потребата да се постигне компромис.
-Не мислам дека кабаетот овде е само сто процентно на едната страна опозициона, но би сакал да ги видам конструктивните предлози на опозицијата во однос на пописот да бидат прифатени. Зошто да не, изјави Пендаровски во интервјуто за државната агенција МИА.
Очигледно, шефот на државата повикува на тоа да се постигне меѓупартиски консензус околу пописот за да не се дојде во ситуација да има негов бојкот, што според него би бил преседан во европската пракса. Но, преседан, исто така, сигурно ќе биде и на попис да се оди без консензус на релевантните партии.
Јасно е дека клучен проблем е недовербата околу пребројувањето на граѓаните кои престојуваат во странство, а за што не се доволно јасни одредбите наведени во законот. Треба да се знае и методологијата по која ќе се врши попишувањето која досега е непозната, зошто е потребен „двојен потпис“, зошто не се наведени дата-базите кои ќе се користат при пописот… Значи, има повеќе дилеми кои треба сега да добијат одговор за да се постигне консензус и целата јавност биде убедена дека пребројувањето навистина ќе биде само статистичка, а не политичка операција.
Тоа се прави со консензус. Ако сега не се постигне консензус, како тогаш мисли премиерот Заев да се постигне единство и заедништво меѓу граѓаните, за што самиот вели дека е неопходно за доброто на Македонија? Не ни треба поголемо конфронтирање на главните политички сили во државата што потоа се шири меѓу самите граѓани. Тоа го ослабува македонското тело.
А мора да се има на ум дека разни домашни и странски „вируси“ едвај чекаат кревкото тело да има уште послаб имунитет т.е. да стане поранливо.