Митески најави казни за несовесните граѓани во Аеродром

Почести казни за несовесните граѓани и правни субјекти што ја нарушуваат хигиената на јавните  површини, се паркираат на плочници и тревници и фрлаат отпад на места што не се предвидени за таа намена, се најавуваат од скопската општина Аеродром.

Ова беше потенцирано за време на обиколката што утрово ја спроведе заменик-градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески на неколку критични локации заедно со општинските инспектори, при што на самото место беа затекнати несовесно паркирани возила, чии сопственици ќе добијат соодветни казни.

Митески беше информиран за реонската распореденост на инспекторите и редарите, како и за нивните дежурства за време на викендите. Тој најави зајакнување на соработката со полицијата, особено во делот на добивање информации за лицата што вршат прекршоци, а со цел навремена реакција на терен.

Исто така, активно се работи на пуштање во функција на општинско товарно возило што ќе се вклучи во собирање и транспорт на кабастиот отпад од одредени локации. За сето ова, граѓаните ќе бидат навремено известени, по што ќе можат за симболична сума да ја добиваат и оваа услуга.

Митески најави и изнаоѓање начин за справување со запуштените приватни имоти кои со години не се одржувани од сопствениците, со што би се ставил ред на голем број локации што сега се обраснати со висока трева или претставуваат мини депонии.

Претходна вестМицкоски им одговори на Радев и Мицотакис: Јас сум навикнат на омаловажување и навреди, но на крај победувам
Следна вестМицкоски: Стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи