Блокада на објектите на Владата и на Министерството за надворешни работи за денеска најави синоќа Христијан Мицкоски, лидер на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Блокадата треба да започне во 12 и 30 часот, а ќе трае до 14 часот.
Во своето обраќање тој побара од премиерот Зоран Заев да соопшти за што преговара со Бугарија и порача дека нема да дозволи да се чепне македонскиот идентитет.
–Немојте да се дрзнете да го чепкате македонскиот идентитет, македонскиот јазик, посебност, македонската историја, традиција, обичаи. Немојте да се дрзнете и да помислите и да се откажете од македонското малцинство кај нашиот источен сосед затоа што таа хартија која што вие ќе ја потпишете е безвредна. Следната Влада која што ќе биде Влада на единство, истото тоа парче хартија нема намера да го почитува, рече Мицкоски.
Мицкоски во најавата однапред се извини за хаосот кој ќе биде предизвикан.
–Ако денеска не успееме, се плашам дека некои идни генерации ќе немаат можност да ја поправат грешката што денес ја прават Зоран Заев и СДСМ, рече Мицкоски.