Младите претеруваат или навистина немаат добри услови за раѓање деца?

Го заборавивме ли ние во Македонија Светскиот ден на населението? Или немаше што да кажеме на овој посебен ден за првпат одбележан на 11 јули 1990 година?

Низ светот се бруеше дека бројот на населението на планетата несопирливо расте. Од ноември минатата година на планетата има осум милијарди жители на нашата планета. Се прогнозира дека на Земјата населението ќе достигне околу 10,4 милијарди луѓе во текот на 2080-тите.

Какви се прогнозите во Македонија? Што не чека во иднината поврзано со населението?

Загрижувачко е што кај нас сега бројот на населението опаѓа..

Намалениот наталитет, зголемен морталитет, но и големото иселување се главните причини за тоа. За жал, лошиот тренд не запира: лани во земјава се родиле вкупно 18.183 деца, а што е за цели 4.892 помалку отколку, на пример, во 2015 година.

-Намалувањето на населението треба да ги загрижи и сите во едно семејство – особено младите, а и сите во политиката. Без население, без подмладок, нема реален напредок и подобро утре, вели Иван Јаневски за нашиот неделник „Скопско Ехо“.

Прави ли државата нешто посериозно на ова поле? Граѓаните, пак, решението го браат и во самите семејства.

-Пред се треба да се тргне од домашното воситување на децата. Девојчињата треба да знаат дека треба да станат мајки, и да им се укажува за убавината на мајчинството. Во спротивно има и откажување од семејниот живот. Машките деца треба да се воспитуваат на коректност, неагресивност, почит и љубов. Не е се во слободниот живот без обврски. А иселувањето се случува од економски причини. Значи, јас би почнала од воспитувањето во семејството и вклучувањето на општеството во средувањето на животите, вели Ели Шикаловска.

-Лоша е состојбата во земјата, но и младите претеруваат, сакаат сите услови да им се задоволени па да родат дете. Така не беше порано и затоа опстанавме како народ, вели Давор З.

Проблемот е поголем ако се види дека надлежните државни институции сериозно не се нафаќаат да почнат да спроведуваат потребните услови кои ги очекуваат младите – да се обезбеди рамноправност, сигурни работни места, почитување на работнички права, да се искоренат корупцијата и партизацијата, подобро здравство и образование… 

-Просечната плата во Македонија едвај стига за едно дете. Тоа е проблем, зашто сите сакаме да живееме современо. Никој не би сакал да создава семејство без каква таква обезбедена сигурна иднина, смета Зоран Бошначки.

И околу иселувањето на младите од Македонија проблемот е голем и не се решава.

-Сама им кажав на двата сина да заминат во странство. Тука им бараа да се зачленат во партија, да им трчат на избори, а за вработување „после ќе се видело“. Заминаа и се снајдоа. Во нашето општество има многу трули работи. Владите вработуваат само свои активисти, работодавците се лоши. Како да не се иселуваат?, ни вели Вера Јаворац.

И така, разни аргументи, разни причини, ама последиците се исти – бројот на населението во Македонија се намалува. А тоа е сериозен проблем.

 

Претходна вестТепачка во косовскиот парламент, Курти испрскан со вода
Следна вестНовинарка од „Индепендент“ воодушевена од Охрид: Дестинација богата со историја, исполнета со нијанси