Многу доктори ќе го лечат Судскиот совет, а требаше само…

Судскиот совет стана орган чиешто работење ја разочарува македонската јавност. Во последно време имаше крупни грешки, недоречености и скандали.

И наеднаш политиката, судството, па дури и странските дипломати во земјава си поставија задача работите таму да се сменат. Почнаа да стасуваат и најави за бројни проекти со цел овој орган да почне да функционира како што треба и со самото тоа да се почне со оправање на урнисаното судство во Македонија.

Така, Министерството за правда вчера објави дека во текот на идната недела ќе биде формирана работна група која ќе има за цел да работи на реформа на Судскиот Совет. Во работната група ќе биле вклучени претставници на Здружението на судии, претставници од невладиниот сектор, како и претставници на академската заедница и експерти од соодветната област. Ќе била доставена и покана до претставниците на најголемите политички партии во земјата.

Во насока на обезбедување на поголема експедитивност и ажурност, работната група ќе започне со работа веднаш по формирањето, а дополнително до истата ќе бидат доставени забелешките и коментарите од Извештајот од Оценската мисија која од страна на Европската Унија беше спроведена во земјата, се наведува во соопштението.

Ќе успее оваа работна група да биде поуспешна – поразлична од досега многупати формираните работни групи за други проблеми во Македонија? Ќе работат забрзано и ефикасно или се ќе се сведе на седенки кои на медиуми ќе се објават?

Инаку, од друга страна, пред неколку дена во Судскиот совет беше најавен еден друг проект.

-Зголемување на капацитетите на Судскиот совет ќе биде целта на Проектот-Поддршка на ЕУ за владеење на правото, кој ќе се спроведува во наредните три години. Членовите од Судскиот совет остварија работна средба со експертскиот тим од овој Проект. Тој е целосно финансиран од ЕУ, а договорен е од Делегацијата на Европската унија во Македонија. Проектот ќе трае 36 месеци со можност за продолжување за уште 6 месеци со буџет од 10,25 милиони евра, информираа на 27 октомври од Советот.

Искоординирани ли се овие проекти за реформи на Судскиот совет? Многу проекти за иста работа не мора да значи постигнување на успешен резултат.

За време на скандалите низ јавноста провеја ваква идеа за да се реши проблемот во Судскиот совет – сите членови колективно да си поднесат оставки. И наново да се формира и организира работата. Тоа во проектите предвидено е?

Претходна вестИзраелските сили се на влезот во градот Газа
Следна вестДимитриевски побара оставка од Рамадани: Недозволиво е обвинување на новинар во емисија за национализам и импутирање на шовинистички наратив