МНР: 11 македонски државјани пуштени дома по сообраќајката во Италија, еден задржан во болница

Од македонското министерство за надворешни работи пристигна најново известување околу вчерашната сообраќајна несреќа во Италија во која учествуваше и автобус од Македонија.

-Единаесет државјани на Македонија во текот на вчерашниот ден беа пуштени дома во добра здравствена состојба, по соодветна лекарска помош во болница во Сан Бенедето дел Тронто, извести МНР по добиените информации преку Амбасадата во Рим, во врска со вчерашната сообраќајна несреќа во Италија.

Како што соопшти МНР, 12-от патник, македонски државјанин се наоѓа во болница во Анкона, каде што во текот на денов ќе има хируршка интервенција поради добиените повреди на ногата и раката.

– Министерството преку Амбасадата во Рим останува во континуирана комуникација со надлежните италијански институции, кои работат на целосно расчистување на случајот, стои во соопштението на МНР.

За потсетување: На автопатот меѓу градовите Асколи Пичено и Анкона во Италија вчера се случи сообраќајна незгода во која учествувал автобус на туристичка агенција од Македонија, при што на лице место починал возачот на автобусот, Р. И. (1965 година) државјанин на Македонија, додека полесно повредени се 12 патници, исто така наши државјани.

МНР преку Амбасадата во Рим останува во континуирана комуникација со надлежните италијански институции, кои работат на целосно расчистување на случајот.

Претходна вестТешко повреденo дете во Куманово, било удренo со автомобил
Следна вестЦените на становите пораснаа за 4,7 отсто во првиот квартал од годинава