Моќна криминална група од Западен Балкан разбиена во меѓународна акција

Во меѓународна полициска акција уапсени се 37 лица поврзани со  многу насилна криминална банда од Западен Балкан, соопшти Европол. Акцијата, која опфаќа повеќе симултани рации во повеќе европски земји, била координирана од команден центар во Загреб, Хрватска, со поддршка на службеници на Европол распоредени на терен.

Моќната криминална ќелија, како што соопшти агенцијата, главно била вклучена во трговија со дрога и огнено оружје ширум Европа.

– Во текот на истрагата беа уапсени вкупно 37 осомничени, вклучително и водачот на бандата, државјанин на Босна и Херцеговина, кој Европол го смета за цел од висок степен и кој во моментот отслужува четиригодишна затворска казна во Италија, се наведува во соопштението на Европол.

Водачот на криминалната група е осомничен дека организирал шверц на дрога и огнено оружје давајќи им наредби на своите подредени од зад решетки.

Вчера, истовремено, биле извршени серија рации низ Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Холандија, Италија, Белгија и Германија.

Заедно со апсењата полицијата запленила околу 148 000 евра во готовина, 18 парчиња огнено оружје, меѓу кои два митралези и 500 грама ТНТ со далечински детонатори.

Исто така, во акцијата биле запленети и 15 килограми кокаин, 11 килограми хероин, како и одредени количини амфетамин, марихуана и хашиш.

Покрај полициски службеници и припадници на други надлежни служби од земјите во кои биле извршени претресите, во операцијата учествувале и агенти на американската Агенција за борба против дрога – ДЕА, се наведува во соопштението.

Меѓународната истрага уследи по она што Европол го опиша како „сложена истрага“ спроведена од хрватската полиција како дел од оперативната група „Балкански картел“.

Претходна вестКрмов: Бехтел е корумпирана компанија чии директори се осудени за корупција
Следна вестПроектант Вукан Њагуљ: Обемот на оштетувањата на мостот „Беласица“ е многу поголем отколку што претпоставував