Можат ли полицајците и судиите да воведат ред на улиците кои се полни со здивени луѓе?

Какво време дојде, треба сериозно да се подзамислиш пред да излезеш да се движиш по македонските улици. За скопските сообраќајници пак и да не споменуваме, често има пострадани пешаци.

Додуша, ваквото (не)време е од поодамна, само сега се засили. Едноставно многу возачи се осилија, а и многу печаци не отвораат „четири очи“ – напротив и тие поминуваат улица каде ќе посакаат.

Како последица на тоа бројот на сообраќајките во кои пешаците, како најранливи учесници во сообраќајот, расте. Болен и тажен е примерот од завчера, кога на мошне прометниот булевар „Никола Карев“ односно, популарна „Пластичарска улица“ смртно настрада 47-годишна жена. Во моментот кога го преминувала булеварот надвор од обележан пешачки премин ја удрило возило управувано од 16-годишен малолетник кој не ни може да има возачка дозвола!?

До кога ќе трае ваквата смртоносна сообраќајна некултура? Ваквите и слични примери уште ли нема да ги растрчаат надлежните институции?

Причините, пак, за други сообраќајки во кои деновиве настрадаа пешаци се слични. Непочитувањето на сообраќајните правила и прописи сигурно стојат зад загинувањето на пешакот во Сарај, тешко повредување на пешак на булеварот „Крушевска република“, на малолетникот во Кондово… Да не потсетуваме и на не така одамнешните трагедии кои се случуваа на пешачки премини во Скопје.

Граѓаните реагираат, бараат решенија. Еве дел од реакциите кои ги испраќаат до „Скопско Ехо“ по повод страдањето на печаци на улиците:

– Полиција треба да има пред секоја раскрсница и маалски полицајци.

– Што ако бидат на секоја крстосница, па и сега ги има, гледаат и ич со прст не мрднуваат полицајциве.

– Ама кај нас на полицајците се пука, ги тепаат, се удираат во пајаци. Значи мора да се менува нешто.

– Чаре е политичариве да ги тргнат рацете од полицијата и они да си ја работат работата. Да нема овој е на бате, на тате. Да се казнат, а судиите да ги судат по закон, ане со врски и мито…

Реакции од овој тип има многу и на социјалните мрежи. Сите бараат да се воведе ред во сообраќајот. 

Нема дилеми дека главните причини се во непочитувањето на прописите. Пешаците одамна се познати како една од најнедисциплинираните категории на учесници во сообраќајот – улиците ги преминуваат каде сакаат, дури и на пешачки премини поминуваат на црвено светло. Но, за волја на вистината, често, заради паркираните возила, се принудени од тротоарите да се симнуваат на коловозот. Возачите, пак, возат пребрзо, не застануваат на пешачки премини, поминуваат на црвени светла…

Можат ли таквите лица да се самодисциплинираат? Можеби.

Но, со поголема дисциплина и држење до законите при работењето на полицијата и судовите – сигурно ќе дојде и до самодисциплина на здивените учесници во сообраќајот.

Можат ли полицијата и судовите да бидат исполнителни и конечно да се воведе ред на улиците?

 

Претходна вестДевет Кубанци спречени при обид нелегално да одат на „одмор“ во Грција
Следна вестГ.г. Стефан: И благодариме на СПЦ за препораката за автокефалност