МПЦ-ОА ќе го проучува проблемот кој го имаат елинофонските цркви со името на македонската црква

Проблемот кој го имаат Вселенската патријаршија и други гркофонски цркви со името на нашата црква, МПЦ-ОА, се уште трае. По тој повод, посебна Комисија на МПЦ-ОА ќе го проучува проблемот на именувањето на нашата Црква од страна на блокот на православните цркви чиишто поглавари се етнички Грци. Ваква одлука денеска донел Светиот архиерејски Синод на заседанието на кое е одлучено истата Комисија да го разгледа и украинското црковно прашање.

-Синодот посвети сериозно внимание на проучување на украинското црковно прашање и формира Комисија која ќе го проучи статусот на Православната Црква во Украина која што доби автокефалност од Вселенската Патријаршија. Претседател на Комисијата е Митрополитот Брегалнички г. Иларион, а потпретседател е Епископот Дељадровско-илинденски г. Јоаким. Истата Комисија има за цел да го проучи и проблемот со именувањето на нашата Света Црква со елинофонските Цркви, се наведува во синодското соопштение.

Блокот на елинофонските Цркви има неколку православни цркви: Вселенската патријаршија, Грчка православна црква, Кипарската православна црква, Ерусалимската патријаршија, Александриската патријаршија, а етнички Грк е на чело и на Албанската православна црква.

Во својата одлука од 9 мај 2022 година со која ја призна нашата Црква како канонска црква, Вселенската патријаршија наведе дека како име на нашата црква го признава „Охридска“, нагласувајќи дека на ум ја има како област за нејзина јурисдикција само „во границите на државата Северна Македонија“.

Таквиот ригиден став се чини се уште трае иако ова би требало да биде религиозно, а не политичко прашање. Но, што би рекол народот – сила Бога не моли…

Што ќе разгледува новоформираната Комисија на МПЦ-ОА останува да се види во наредниот период. Преспанско – пелагонискиот митриополит Петар неодамна изјави дека Вселенската патријаршија бара едно име и за надворешна и за внатрешна употреба.

– Вселенската патријаршија бара ерга омнес за името на МПЦ-ОА и никаква изведба на името Македонија, македонска, бара да се самооткажеме од името Македонија, македонска. Нас не не интересира како некој ќе не нарекува и како некој ќе ни дава пусулче  што сме и како сме. Нас не интересира дали некој нам ни забранува да се именуваме како Македонска православна црква- Охридска Архиепископија Јустинијана Прима. Ако некој ми забранува тоа, мене од него не ми треба ништо. Ни томос, ни ова, ни она, ништо. А ако некој не ми го забранува тоа, а сака да не именува како Охридска Архиепископија, како Јустинијана Прима или како Македонска црква тоа е негово право. Од нас се бара, конкретно од Цариградската патријаршија ние да не се именуваме никаде и да не кажуваме дека сме Македонска православна црква, потенцира тогаш владиката Петар.

Комисијата е на потег. Таа треба да утврди дали ова е баш така и дали (какви и да се) условувањата од Цариград се прифатливи за МПЦ-ОА.

Според она што од порано се изнесе во јавноста, Вселенската патријатшија како услов наметнувала и македонските црковни општини во дијаспората да добијат друга управа. Дали е ова точно и дали и за ова ќе расправа Конисијата не е познато.

Инаку, за разлика од владиката Петар, европскиот митрополит Пимен неодамна изјави дека Условите за конечниот Томос од Вселенската патријаршија „ни оддалеку не се толку страшни како што некој ги пласира во јавноста“. Тој додава дека Томосот кој е добиен од страна на Српската православна црква е препорака и претставува половина од изодениот пат на нашата Црква кон автокефалноста. Конечниот Томос, според него, треба да го даде Вселенската патријаршија.

Кои се условите за тоа, Пимен не кажа. Комисијата треба да каже.

Претходна вестМалолетник од Скопје се обидел да убие друг малолетник на паркинг во Чаир
Следна вестКривична против полицаец од Македонска Каменица за загрозување на сигурноста