Пописот на населенито во Македонија се влечка веќе подолго време со дамки кои останаа неисчистени. Многу забелешки имаше околу спроведувањето и резултатите на овој статистички потфат.
Пред некој ден дилеми околу пописот спроведен во 2021 година отвори и извештајот на државните ревизори. Ревизорите укажаа на повеќе неправилности за кои треба да се разјасни дали и на кој начин можеле да влијаат врз конечните резултати од извршеното пребројување на населението. Има забелешки околу точноста на податоците за луѓето кои во време на пописот биле во Армијата, во странство, во затвори и за бездомниците.
-Утврдени се состојби и во однос на подготовката и спроведувањето на пописот, кои влијаат на можноста од потврдување на точноста и целосноста на податоците за лицата кои во време на пописот се наоѓаат на служба на Армијата во земјата или во странство, или на издржување мерка притвор или казна затвор, на лицата во воспитно-поправните домови и на лица кои спаѓаат во категоријата на бездомници, се наведува во објавениот извештај од страна на ДЗР.
Во него се додава дека проблематично за ревизорите е што имало малку попишувачи, а се попишувале луѓе надвор од нивните домови.
-Со ревизијата утврдено е дека теренското попишување е спроведено со 505 инструктори и 4.482 попишувачи, број кој е помал во однос на планираниот, а воедно спроведено е попишување на лицата кои не биле попишани во просториите на комисиите за пописни реони, начин на попишување кој не е предвиден во Законот за попис, пишува во соопштението.
За ревизорите било спорна и апликацијата за онлајн попишување на македонските државјани кои се на привремена работа или престој во странство бидејќи во 2019 година е набавена софтверска апликација за пописот, но не е набавена софтверска апликација за самопопишувањето. Таа била набавена кон крајот на февруари, без пари, а за возврат Државниот завод за статистика се обврзал да го истакне името на фирмата од каде ја зема.
-Со ова се врши промоција, спонзорство, за кое од Министерството за правда не е побарано решение дека е од јавен интерес. Подолго од една година управител на фирмата која ја изработила апликацијата бил член на Советот за статистика, укажуваат ревизорите.
Забелешки биле и дека директорот не го потпишал правилникот за исплата на 3,1 милион евра за попишувачите, дека немало финансиски план како ќе се трошат превидените 8,5 милиони евра, дека немало јавна набавка за лаптопите…
Ваквите ревизорски забелешки само се надоврзуваат на оние искажувани од различни страни пред, за време и по соопштувањето на пописните резултати во март минатата година. Тогаш лидерот на Демокраски сојуз Павле Трајанов побара од Владата да формира експертска комисија која во соработка со ДЗС ќе ги провери податоците и ќе ги отстрани грешките. Меѓутоа, оваа идеја веднаш беше отфрлена при што директорот на ДЗС Апостол Симовски рече дека тоа ќе значи „пописот од статистичка да стане политичка операција“.
А токму тоа дека пописот е претворен во политичка операција е забелешката на голем дел од македонската јавност. Повеќе партии, граѓански здруженија на Роми, Бошњаци, Турци, Власи, Срби…, реагираа дури и од МПЦ-ОА. Повеќето од нив сооопштија дека не ги прифаќаат резултатите, дека не се релевантни и немаат верба во сооопштеното. Не можеа да прифатат дека има толкаво намалување на одделни етнички заедници, дека не се знае кои се по етничка и верска припадност оние 132.000 лица кои се административно попишани, како се дозволи 242.000 граѓани да се попишуваат само како „христијани“, како се случи претумбацијата со бројките на „атеисти“ и „евангелисти-протестанти“, менување на табелата… Имаше и многу гражани кои го бојкотираа пописот.
Сето тоа придонесе во јавноста да се создаде недоверба кон пописот, кој се спроведе за првпат по цели 19 години. Сега, ете, забелешки и пропусти утврдија и државните ревозори…
Инаку, пописот беше спореведен во период од 05.09.2021 до 30.09.2021 година, а меѓу другото покажа дека во Македонија има 1.836.713 резидентно население, 598.632 домаќинства и 839.174 станови.