Музичари ќе им отсвират на владините мерки, па макар и ги апселе

Нови рестриктивни мерки кои во однос на угостителските објекти ги донесе владата ги изнесуваат музичарите и други естрадни уметници на протест. За утре тие најавуваат протест пред зградата на Владата во период од 14 до 17 часот под мото „Протестирам против уништувањето на ноќните клубови“. Иницијативата започна на социјалните мрежи, а еден од нејзините иницијатори е и музичарот Владимир Блажев Панчо кој изјавува дека е време и тие да излезат на улица да го покажат својот револт.

-Верувам дека ќе трае, ќе има многу бендови, ќе свириме без пари, ќе бучиме со појаки децибели, колку е нормално кога се свири, па нека не апсат, ова повеќе не се издржува. Еднаш не се побунивме иако 90 отсто од артистите бевме без неколку месечно примање. Но со овој ноншалантен однос и очигледно незнаење на владата во кој правец тера мислам дека време е сите ние музичари, уметници да дигнеме глас на улица. Да си ги бараме нашите права и да им дадеме дознаење дека ние не сме криви за грешките на неколкуте локали и организатори на настани кој видливо се толерирани од не знам кои причини, коментира Блажев на Фејсбук.

Владата завчера донесе мерки со кои се забранува гостување на пејачи и диџеи во сите угостителски објекти, се ограничува јачината на музиката до 55 децибели и се намалува бројот на лица кои може да седат на една маса од 12 на 4.

 Ние правиме казнена мерка како во школо, како нели кога некој ќе направи нешто, кој ја ишкрта таблата, ќутат сите и ај сеа сите ќе ги казниме, а во овој случај дури знаеме кој ја ишкрта таблата, а ги казнуваме сите, изјави Мартин Ангеловски од Асоцијација на угостителски објекти.

При образложувањето на новите мерки, од Владата се повикаа на епидемиолошките анкети кои укажале дека масовните собири со непочитување на протоколите се една од главните причини за зголемување на бројот на новозаболени. Во прилог е и податокот дека најголемо зголемување има кај популацијата од 20 до 30 години, а потоа и кај возрасната група од 30 до 40 години.

Од друга страна, министерот за здравство Венко Филипче остро им одговори на музичарите.

-Нека протестираат пред Инфективна клиника, нека ги погледнат во очи семејствата на оние кои се борат за живот и на оние кои веќе заминаа, а се заразиле најверојатно на нивните настапи и свадби каде што настапувале. Лесно е да излезеш на протест, тешко е да седнеш и да најдеш решение кое ќе биде добро за сите. Владата не остави никого на цедило, помогнато е на сите со неколкуте владини економски пакети и ќе помагаме и понатаму. Отворена е вратата за сите здружениеја и синдикати и групи кои се загрозени од ситуацијата и ќе најдеме со сите решение, порача тој.

Претходна вестСе утврдува како починало 11-годишно дете штитеник од Заводот во Демир Капија
Следна вестТешко повреден 96-годишен велосипедист