Досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, гласањето се одвива мирно без проблеми, информира денеска околу пладне портпаролот на МВР, Тони Ангеловски за текот на изборниот процес од отворањето на избирачките места.
– Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, радовишко има едно лице кое го покажало гласачкото ливче на набљудувач.
За сите овие настани, како што вели тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
-Покрај тоа, на територија на општина Чаир се забележани летоци кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графити. На едно гласачко место во Скопје покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена испукана димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено, додава Ангеловски.