Секогаш ќе се залагаме за подобрување на условите за работа на сите здравствени работници, вклучително и на приватните специјализанти кои се важни во здравствениот систем, соопшти денеска Министерството за здравство.
До соопштението доаѓа откако приватните специјализанти најавија генерален штрајк.
-Ве информираме дека по средбата со нив, е изготвен извештај и доставен на Влада, кадешто на некоја од седниците ќе дојде на разгледување со цел да се видат нивните барања и можните решенија во овој предизборен период, соопшти Министерството.
Се додава дека во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа препознаени во јавното здравство и платени за својата работа.
-Ставот на Министерството е позитивен, со цел да им се излезе во пресрет на приватните специјализанти. Во изминативе години платите на здравствените работници се покачија неколкупати и им се подобрија условите за работа. Со истиот пристап ќе им се помогне и на приватните специјализанти, нагласуваат од Министерството за здравство
Приватни специјализанти денеска најавија генерален штрајк од понеделник. Во денешното соопштение наведуваат дека и покрај одржаниот протест на приватни специјализанти на 27 март и остварената средба со министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, на 2 април, сѐ уште не биле исполнети нивните барања.