Денешната полуфинална средби од Купот на Македонија помеѓу МЗТ Скопје и Работнички (17 часот) доби неочекуван заплет, откако двата клуба утринава добиле мејл од организаторот Пелистер за забрана за присуство на нивните навивачки групи во салата во Битола.
Во дописот до вечните ривали се вели дека ваквата одлука е донесена од безбедносни причини.
– Сакаме да ве известиме дека поради безбедносни причини присуство на навивачки групи на денешниот натпревар нема да има, се вели во мејлот испратен од таборот на пелистерци.
Оваа одлука предизвика револт во двата табори, од каде веднаш излегоа со соопштенија, едните преку навивачката група Сити Парк Бојс, а другите преку клупските канали за комуникација со јавноста.
-Нема зборови со кои можеме да ја опишеме нашата разочараност кога утринава го прочитавме мејлот испратен од организаторот на завршниот турнир од Купот на Македонија, кој на помалку од десетина часа пред нашата полуфинална пресметка против Работнички (17 часот) нѐ известува дека забранува присуство на организирани навивачки групи. Апсолутно не ни е јасно како може некој да сака празна сала со стотина „залутани“ на трибините, каква што беше сликата на вчерашните четврт-финални пресметки на средбите на кои не играше домаќинот, наместо спектакуларна атмосфера како што знаат да направат само навивачките групи на вечните ривали. Ова е преседан каков што досега не е виден, бидејќи куп-завршници и во минатото се играле надвор од главниот град, па никаде не е преземена ваква непопуларна мерка. Изминатите часови на секаков начин и со секакви гаранции се обидовме да го смениме мислењето на луѓето од Пелистер, но, за жал, не успеавме во тоа. Кошарката се игра за публиката, таа секаде се негува и ѝ се овозможува да ужива во мајсториите на паркетот, но и да ги бодри своите миленици. Секако според сите правила и закони, што не е спорно ниту во барањето за присуство на нашите фанови денеска во салата ‘Боро Чурлевски’. Но, денеска за такво нешто и ние и Работнички добивме забрана од организаторот, се вели меѓу другото во соопштението на МЗТ Скопје.
Во сличен стил е и реакцијата на навивачката група на Работнички.
-Срам и резил. Кој знае по кој пат истиот пост со слика од меил како се забранува присуство за организирани навивачки групи. На два часа пред тргнување на веќе организиран превоз добиваме повик па потоа и меил дека присуството нема да ни биде одобрено. Во сала која е за скоро 1.000 седишта поголема од салата на Кале, каде што изминативе години се одржуваше куп-завршницата, нема услови да се сместат две навивачки групи од не повеќе од 50-60 души. Како господинот претседател на МКФ одобри Купот да се одржи во Битола ако таму нема услови за примање на сите фанови и дали овој Куп е приватна забава на битолската публика ,која незнае како изгледа кошаркарскиот тим на Пелистер ако тој не игра против клуб од Скопје, велат од навивачката група на Работнички.