На Пендаровски ќе му мирува правото на државничка пензија, прифатено и барањето за апанажа на 29-те пратеници

Прифатено е барањето на поранешниот претседател на Македонија Стево Пендаровски за мирување на правото на пензија што тој го доставил до Собранието на 15 мај, одлучија денеска новите членовите на Комисијата за избори и именувања.

Пендаровски по изборите соопшти дека нема да ја користи пензијата што по закон му следува како поранешен претседател и најави дека се враќа како професор на „Американ колеџ“ каде ќе ја заработува платата и рече дека се откажува од привилегиите. За тројца вработени од својот претседателски кабинет Пендаровски побара од државата просторија и работен ангажман за подготовка на учество на настани во земјава и светот кои ќе ги има како поранешен шеф на држава.

Комисијата за избори и именувања на денешната седница прифати 29 барања за апанажа на пратеници од претходниот парламентарен состав 2020-2024. Против предлогот да се дава апанажа беше само пратеникот од Левица, Борислав Крмов. Рокот за поднесување барања за апанажа се уште не е завршен.

Меѓу оние кои побарале да го остварат правото на плата по престанок на функцијата пратеник се Мирослав Јовановиќ, кој ќе прима апанажа само два месеци до стекнувањето право на пензија, Абдула Салиу шест месеци односно исто така до стекнување право на пензија и Ремзи Мехмеди – девет месеци.

Една година правото на апанажа ќе го користат Жаклина Лазаревска, Соња Михајловска, Ненад Коциќ, Марија Георгиевска, Санела Шкриељ, Дарко Каевски, Марија Костадинова, Марија Ангелова, Емилија Рамбабова, Љупчо Балковски, Белкиса Зеќири, Даниела Колева, Бајрам Кадрија, Атнан Незири, Лолита Ристова, Диме Велковски, Артина Ќазими, Марија Кочовска, Мухамед Кадриов, Игор Јанушев, Маја Морачанин, Боби Мојскоски, Кастриот Реџепи, Лазе Таневски, Мартин Костовски и Мирче Аџиовски.

Десет членови на Комисијата гласаа „за“ остварување на правото на апанажа на поранешните пратеници, а против гласаше само пратеникот на Левица Борислав Крмов.

Согласно законските одредби, апанажата е во висина на платата на пратениците и ја исплаќа Собранието односно организацијата во која лицето ја вршело функцијата.

Според информациите од Собранието, 57 пратеници од минатиот состав имаат право на апанажа бидејќи не се дел од новиот состав. Рокот за поднесување барања на апанажа започна на денот на верификација на мандатите на членовите на новиот парламентарен состав 2024-2028, а завршува за 30 дена односно на 28 јуни.

Претходна вестСиљановска Давкова: Да се однесуваме како „Скандинавци“ со соседите
Следна вестДарко Костадиновски нов претседател на Уставен суд