Се перцепираме како Европјани и оттаму треба да бидеме третирани како Европјани. Третманот го гледам низ призма на ЕУ-логиката, во смисла на владеење на правото, независно судство, стручка администрација, нешто демократска политичка култура. Мораме да тргнеме со сериозни и суштински реформи – друг излез немаме, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на настан, по повод одбележување на Денот на Европа – 9 Мај, Фондацијата Конрад Аденауер и Европското движење во Република Северна Македонија.
Одговарајќи на новинарски прашања за нејзината средба со италијанскиот колега во Рим и „барањето гаранции за нашиот пат кон ЕУ“, Сиљановска Давкова изјави дека тоа е формулација која не била прененесена на правилен начин.
-Кога зборував за гаранции со господинот Матарела, мислев на оние кои што посегнуваат по вето. Мислев пред се дека ние ако неколку пати го менувавме Уставот и повторно сме се соочувале со нова промена, крајно време е да знаеме дека ова што ќе се случува од Бугарија, е барање со кое може да се остави простор за вето врзано за Копехашките критериуми, но не и за прашања врзани за идентитет и историја. ЕУ е единство на различности и треба да ги прифаќа идентитетот и интегритетот на сите. Ние во поглед на многу прашања и критериуми, сме биле исклучени. Крајно време е да се стави крај на тоа. Македонија е мала држава, но мислам дека заслужува да биде почитувана како сите останати, кажа македонската претседателка.
На континуираните обвинувања и критики од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за непочитување на Преспанскиот договор, Сиљановска Давкова кажа дека „Меѓународниот суд на правдата е механизам што постои и загарантиран денеска за секоја членка на ЕУ“.
-Јас не можам да го спречам. Точно е дека Преспанскиот договор е дел од Преговарачката рамка, но не мислам дека е во духот на развивања на пријателските односи. Можеби е добро да погледнеме врз културната дипломатија. Мислам дека и ние со соседите во пријателски дух да се обидеме на поинаков начин да се однесуваме. Малку да бидеме „Скандинавци“, изјави претседателката пред новинарите.
Инаку, во обраќањето на собирот таа нагласи дека ние отсекогаш, историски, географски и културно сме биле дел од Европа и дека не зборуваме за евроинтеграција, туку за реунификација.
-За нас веќе реков дека се перцепираме како Европјани, а логично е ако се перцепирате како Европјани да бидете и третирани како Европјани. Третманот го гледам пред се низ призма, не на ЕУ реториката, туку на ЕУ логиката, во смисла на владеење на правото, компетитивна економија, независно судство, стручна и компетентна администрација, демократска политичка култура, нешто што обединува, рече претседателката Сиљановска Давкова.
Претседателката истакна дека скрининг процесот покажа дека во поглед на хармонизацијата ние сме во врвот на Западниот Балкан, но имплементацијата останува наш важен предизвик.
-Ние мораме да тргнеме со суштински и сериозни реформи, излез немаме бидејќи не е само сега критериум хомогенизацијата, хармонизацијата, туку и имплементацијата. Мислам дека треба и ЕУ соодветно да одговори, затоа што ако сте кандидат од 2005 година, а денеска е 2024, се плашам дека некогаш тоа чекање личи на она на господинот Годо, а не сакам да верувам во такво нешто. Јас знам дека ние бевме перцепирани и сеуште сме како ахилова пета, но мислам дека и за тоа има решенија и е потребен соодветен одговор, истакна во обраќањето претседателката Сиљановска Давкова.