На полноќ истекува рокот за увид во Избирачкиот список и за пријавување на гласачите во дијаспората

Преку електронски пат, заклучно со 14.03.2024, се провериле вкупно 22 122 граѓани. Поднесени се 25 барања за промена на податоци, шест барања за бришење на податоци и 10 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.

На полноќ истекува рокот за увид во Избирачкиот список како и за пријавување на гласачите во дијаспората. Граѓаните уште денеска можат да се проверат и доколку е потребно да побараат промена, запишување или бришење на своите податоци од Избирачкиот список за претстојните претседателски и парламентарни избори.

Од Државната изборна комисија (ДИК) апелираат граѓаните да извршат проверка и доколку има потреба да побараат промена.

Според податоците на ДИК, заклучно со 14 март во подрачните одделенија и канцеларии на Комисијата, увид во своите податоци во Избирачкиот список направиле 4 859 лица. Седум лица поднеле барање за промена на своите податоци, 19 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и пет лица поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список.

Преку електронски пат, заклучно со 14.03.2024, се провериле вкупно 22 122 граѓани. Поднесени се 25 барања за промена на податоци, шест барања за бришење на податоци и 10 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.

По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, синоќа до 20 часот се пристигнати 2 049 пријави од кои 1 430 се прифатени, 165 се одбиени, а не се обработени 434.

Претседателски избори во дијаспората ќе се одржат само ако има пријавено најмалку 10 лица за гласање во соодветното дипломатско-конзуларното претставништво (ДКП) на државата. Ова оттаму што претседателот се избира според мнозинскиот систем и што целата територија на државата и сите континенти каде што има наши државјани се една изборна единица. Во однос на парламентарните избори, пратеници се избираат според пропорционалниот модел и во изборна единица во странство и тука има уште еден услов како своевиден цензус. За да бие избран пратеник од седмата изборна единица треба да освои најмалку онолкав број на гласови колку што освоил пратеник со најмал број на гласови на територијата на државата на последните парламентарни избори. За овие избори овој број е 5 355 лица, односно толку лица треба да бидат регистрирани во сите 52 ДКП за да може да бидат пред се организирани вакви избори. Исто така најмалку 5 355 гласачи треба да гласаат за еден кандидат за тој да биде избран.

Сите кои се запишани во избирачкиот список ќе можат да гласаат и на претседателските и на парламентарните избори, а правото на глас ќе може да го остварат и граѓаните со истечени лични документи и патни исправи во последните девет месеци пред изборите.

Претходна вестВремето денес сончево со мала умерена облачност
Следна вестБез струја дел од општините Центар и Ѓорче Петров