Повеќе од половина скопјани, односно 56, 65 отсто користат сопствен автомобил како основно средства за превоз да секојдневните дестинации. Ова го покажала анкетата спроведена меѓу граѓаните на главниот град, објавена денеска во билтенот на веб страницата на Град Скопје.
-Како резултат на возењето во такви услови на голем сообраќаен метеж, согорувањето на горивата е поголемо и на тој начин драстично се зголемува создавањето на стакленички гасови меѓу кои е ЦО2, се наведува во соопштението.
Од Градот апелираат да се намали употребата на автомобилите преку споделување на возило за работа со колегите. Со тоа ќе се избегне скопското секојдневие: многу возила, сообраќаен хаос и нервоза, а во повеќето возила има само по едно лице.
-Ако наместо да одите сами на работа, го споделите возилото со уште двајца-тројца колеги, со користење на соодветна заштита во овој период, бројот на возила на улиците ќе се намали за една третина. Погледнете дали вашиот работодавец ќе ви овозможи да работите од дома еден ден во неделата – така на годишно ниво ќе ги намалите своите емисии на јаглерод диоксид за цел еден тон! За кратки патувања препорачуваме одење пешки или возење велосипед – ова ќе ви помогне да го подобрите вашето здравје и да го намалите јаглеродот. Возење 1,5 км велосипед наместо автомобил = 290 г CO2eq помалку во воздухот, наведуваат од Град Скопје.