На Шилегов му тргна со зелени покриви, сега на ред бил ТЦ „Мавровка“

Нов, трет по ред, рамен покрив кој ќе биде претворен во зелена оаза најави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов. По Градски трговски центар и Домот на градежниците „Кочо Рацин“ уредени зелени површини на покривот сега ќе добие и Трговскиот центар „Мавровка“.

Најавата преку Фејсбук денеска даде граночалникот на Град Скопје, Петре Шилегов објавувајќи видео како во моментов изгледа покривот на трговскиот центар „Мавровка“.

– Еве како изгледа напуштениот и неуреден простор на „Мавровка“ што набрзо ќе биде трет и најголем зелен покрив во Скопје, најави Шилегов.

За денеска беше планирано одржување на прес-конференција со градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, а на која требаше да се означи стартот на работите, но поради лошото време беше откажана.

Ваквата најава на социјалната мрежа Фејсбук, меѓутоа, предизвика и реакции на граѓаните кои поставија дилема дали е оправдано инвестицијата да се однесува на објект кој е во приватна сопственост.

– Кој е интересот на градот да плаќа народни пари за уредување на објект кој е во приватна сопственост? Зошто не се води сметка да се добие повеќе за вложеното?, напиша едне граѓанин во коментарите под објавата на Шилегов.

Двете досегашни инвестиции во зелените покриви – на ГТЦ и на Домот на градежниците – се однесуваа на објекти кои се поврзани со државата како акционерско друштво и јавна културна установа, додека ТЦ „Мавровка“ нема таква врска. Но исто така треба да се нагласи дека досега градските и државните власти се јавија како финансиери на обнова на повеќе приватни објекти какви што се фасадите на зградите во центарот на градот.

Разеленувањето на Скопје е добра работа, но пред се тоа треба брзо да се прави на запустената земјена површина во градот која ја има многу, а на крововите може да им се навратиме поспоро.

Претходна вестБројот на новозаразени во Македонија намален за речиси третина
Следна вестПочинале 21 пациент, новозаразени од вирусот се 444 лица