Општина Гази Баба во соработка со Здружението на граѓани „Треебанкс“, ЈП „Национални шуми“, Шумарскиот факултет и Јавното комунално претпријатие „Гази Баба 2007“, денеска организира акција за пошумување на дел од падините на Скопска Црна Гора во месноста наречена Сарачево, во непосредна близина на населено место Раштак.
Во акцијата, како што информира Општина Гази Баба, планирано е да се засадат 3200 садници, јасен и багрем. Овие типови на садници се препорачани од стручните лица од Шумарскиот факултет, а се согласно Студијата за заштита од ерозија на Скопска Црна Гора.
-Оваа иницијална акција е само почеток на поголем проект со крајна цел озеленување и пошумување на цело ерозивно подрачје на територија на Општина Гази Баба. Со тоа се спречува уништувањето на квалитетната почва за земјоделството на пониските терени со наноси од ерозивните подрачја, се зголемува зелениот фонд на општината и значително се влијае на подобрување на квалитетот на животната средина, се наведува во соопштението.
Ова е регион во којшто на 6 август 2016 година беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер, а во поплавите загинаа 22 лица од реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново. Тогаш беше констатирано дека една од причините за катастрофалната поплава се и соголените падини и неисчистени канали на падините на Скопска Црна Гора. Пошумувањето е една од мерките предложена од стручњаците со цел да се превенираат слични ризици. Досега имаше неколку акции за пошумување. Во 2019 година во атарот на Страчинци се садеа багреми бидејќи ова подрачје, заедно со населените места Раштак, Булачани, Црешево, Виниче и Брњарци, спаѓаат во едни од најкритичните ерозивни подрачја во општината.
Но, проблемот во ова подрачје и натаму е бесправната и дива сеча која во последните 10 години има се поголем замав на Скопска Црна Гора, како и бројните пожари. Оттаму, прашањето е дали новите садници ќе се зачуват за да штитат од потенцијални нови катастрофални поплави во оваа подрачје.