На српскиот пејач Ѓорѓе Давид му е одземен пасошот и не смее да ја напушти Македонија

На српскиот пејач Ѓорѓе Давид, кој учествуваше во тешката сообраќајна несреќа во која загина 49-годишна кумановка пред граничниот премин Табановце,  му се определени мерки на претпазливост – привремено одземање на патна и друга исправа (лична карта и возачка дозвола) за преминување на државната граница. Тој има и обврска да се јавува во Судот, информираат од Обвинителството.

– По предлог на Основното јавно обвинителство Куманово на странскиот државјанин кој учествуваше во тешката сообраќајна несреќа кај Табановце му се определени мерки на претпазливост – привремено одземање на патна и друга исправа (лична карта и возачка дозвола) за преминување на државната граница и обврска да се јавува во Судот, соопшти Обвинителство.

Претходно Основното јавно обвинителство соопшти детали за синоќешната сообраќајна несреќа кај Табановце во која смртно настрада 49 годишна сопатничка во возило „фолксваген поло“ со кумановски сообраќајни ознаки  кое се судрило со „фолксваген голф“ со скопски регистерски ознаки.

-Сударот бил предизвикан најверојатно кога возачот на едното од возилата влегол на автопат во недозволена насока, соопшти Обвинителството.

По тој првичен судар, патничката од кумановското возило излегла од автомобилот и во тој момент на неа налетал автомобил „Опел инсигниа” со српски регистарски таблици. Од ударот жената се здобила со тешки повреди од кои починала.

-Издадена е наредба за обдукција на починатата, како и за испитување на примероци од крв и урина на другите учесници кои во моментов се хоспитализирани со полесни повреди. Прибрани се траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење со цел прецизно да се утврдат причините за сообраќајната несреќа, соопшти ЈО.

Српските медиуми објавија дека во синоќешната сообраќајка кај Табановце учествувал рок музичарот Ѓорѓе Давид кој директно удрил во 49-годишната жена за која изјавил дека се шетала по автопатот. Тој за продукцијата „Гранд“ која ја пренесе неговата прва изјава по несреќата рекол дека било веднаш утврдено дека не бил во алкохолизирана состојба и дека возел со законски пропишаната брзина. Дека не очекувал да биде задржан во притвор зашто бил невин за инцидентот во кој загина една жена.

Претходна вестМВР со апел: Попова Шапка и Маврово се преполни, заклучувајте ги возилата
Следна вестМаж со бензин полеал вработен во станица за технички преглед и се обидел да го запали возилото