Државните канцеларии во Европската унија можат да им забранат на вработените да носат шамии и други прекривки за глава под одредени услови, одлучи во вторникот Европскиот суд на правдата. Највисокиот суд на ЕУ во вторникот пресуди дека јавните власти во земјите-членки можат да им забранат на вработените да носат знаци на религиозни верувања, вклучително и шамии што ги користат муслиманките за покривање на косата.
Случајот дојде пред Судот на правдата на Европската унија, откако на вработена во источната белгиска општина Анс ѝ беше кажано дека не може да носи исламска марама на работа. Општината потоа ги промени условите за вработување за да бара строга верска и идеолошка неутралност од нејзините идни вработени. Дотичната покренала правен спор велејќи дека ѝ е повредено правото на слобода на вероисповед.
Хиџабот, со години предизвикува поделби низ Европа. Европскиот суд на правдата објасни дека политиката на строга неутралност насочена кон воспоставување неутрална административна средина може да се смета за објективно оправдана легитимна цел. Оттаму додаваат дека ќе биде оправдана и одлуката на друга јавна администрација која одлучила на општ и неселективен начин да одобри носење на видливи знаци на религијата.
Судот, исто така, рече дека властите во земјите-членки имаат слобода во дизајнирањето на неутралноста на јавниот сервис што имаат намера да го промовираат. Меѓутоа, оваа цел мора да се следи на доследен и систематски начин, а мерките мора да се ограничат на она што е строго неопходно.