Повеќе од 5 илјади мистериозни труења на ученици се случиле изминативе три месеци во 230 училишта од 25 провинции, изјави Мохамед Хасан Асфери членот на истражниот комитет на иранскиот парламент за случаи со труење. Засега нема информации што е тоа што ги труе учениците.
– Од 30 ноември 2022 година до 6 март 2023 година, повеќе од 5.000 ученици, главно девојчиња, биле отруени во 230 училишта од 25 провинции. Десетици ученици се хоспитализирани во некои градови на иранските провинции Гулистан и Кохгиље-Буер Ахмед поради сомневање дека се исто така отруени, изјавил Мохамед.
Иранската Агенција ИСНА наведува дека последниве три месеци се забележани масовни труења, претежно во интернати за девојчиња.
Заменик – канцеларот на Универзитетот за медицински науки „Кохгиље-Бујер Ахмед“ пак, потврди дека 43 ученици од три училишта се хоспитализирани со симптоми на труење и додаде дека во последните три дена исто така 280 ученици се хоспитализирани со симптоми на труење, а седум ученици се уште се на лекување.
Неофицијално, неколку лица од повеќе ирански провинции се веќе приведени под сомневање дека се сторители на мистериозните труења. Врховниот водач на Иран пак, ајатолахот Али Хамнеи вчера повика на строга казна за одговорните, кои ги нарече „непростливо злосторство“.