Во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, а во соработка со НУ Музеј – Гевгелија, на 25 декември (понеделник) , со почеток во 19:00 часот во Галерија Амам во Гевгелија ќе биде отворена изложбата „НарАРТива 2023“ со слики и скулптури од современите македонски уметници: Никола Пијанманов, Вангел Срнаков, Владимир Илиевски, Ване Костуранов, Марија Трајаноска, Мирјана Крстева Массетти, Миле Ничевски, Тони Попов, Александар Јанев, Дамјан Ѓуров, Елена Ѓурова, Иван Кал’чев и Анамарија Митриќеска Кал’чева.
Од самите почетоци на литературата и визуелните уметности може да се зборува и за нивни интермедијални релации кои по својата природа отсекогаш биле двонасочни. Не само што низ целокупната историја литературните дела вдахновиле и биле втемелувачки жар во процесот на создавање на голем број ликовни дела или скулптури, туку и бројни книжевни дела имаат екфрастичко-експресивен предзнак, а обете уметности комплементарно се надоврзувале во сеопштата еволуција на уметноста, поединечни правци или струи.
Изложбата „НарАРТива 2023“ во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, а во соработка со НУ Музеј – Гевгелија се соочува со целта да ја долови едната од овие две насоки, поаѓајќи од позицијата на естетски и поетички разноликото творештво на современите македонски визуелни уметници – од дела кои своја подлога наоѓаат во поедичени наративни или ситуациски нишки од делата или личностите/ликовите на Е. А. По, Егзипери, Венедикт Ерофеев или В. Шимборска, преку дела инспирирани од ликот или творештвото на Чернодрински, Рацин и Шопов, до дела кои посуптилно или поиндиректно одразуваат некакви наративни обрасци и форми.