Херојска борба за слобода и за правата на Македонците во текот на Втората светска војна, а потоа продолжено со градење на македонската метропола Скопје која го менувала својот лик. Ова е животниот пат по кој врвел Наум Наумовски – Борче чијашто годишнина од раѓањето на 1 април 1920 година во Крушево се одбележува денеска.
Тој бил борец во партизански редови, бил градоначалник на Скопје на двапати. Уште како младо момче се вклучил во работничкото движење, а со почетокот на Втората светска војна и во партизанските редови. Во родното Крушево учествувал во формирањето на партизанскиот одред „Питу Гули“ во 1942 година од кога и почнува да го носи партизанското име – Борче. Често зборува и на митинзите, на кои го мотивира народот за народноослободителната борба, учествува во борбите, а почнува и да добива се поодговорни функции – во декември 1943 година, Борче бил поставен за политички комесар на Втората македонска ударна бригада, а на Илинден 1944 година, политички комесар на Втората оперативна зона.
Три недели подоцна, бил назначен за политички комесар на Првата македонска дивизија, а во октомври истата година член на ЦК на КПМ. Во почетокот на февруари 1945 година бил поставен за политички комесар на Главниот штаб на Македонија. Учествувал и на историското заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година на коешто се удрени темелите на македонската држава, а најголемото признание дошло во 1953 година кога е прогласен и за народен херој. По ослободувањето дошол и нов предизвик: да биде градоначалник на македонскиот главен град. Првпат тоа се случило во 1950-та година, а втор пат во периодот од 1956 до 1960 година, кога и починал на само 40 години. Промените коишто Наумовски почнал да ги прави во градот веднаш предизвикале и внимание на странските новинари кои ги посетувале Македонија и Скопје. Новинарот на американскиот весник „Њујорк тајмс“ во 1958 година објавува репортажа за Скопје во која се наведува дека „ се раѓа нов макеоднски главен град со паркови и модерни куќи“. Се наведува и тоа дека тоа е „град на контрасти“.
-Овој древен главен град на Македонија се издигнува од вековната кал од мала група планери, архитекти, инженери. Нов град се раѓа во оваа котлина опколена со планини на реката Вардар, град со паркови и игралишта, со разнобојни тераси на згради налик на најновиот средоземен стил. Опсегот на градбите и силниот контраст помеѓу старото и новото, истокот и западот, му даваат на градот чувство на нереалност, небаре се работи за филмска сцена, пишува во статијата од 1958 година. Се наведува и тоа дека властите планирале дека бројот на жителите од тогашните 170.000 ќе се зголеми двојно во наредните години. Се цитира и изјавата на тогашниот градоначалник Наумовски дека во градот сепак ќе се чуваат градбите од историска вредност – џамии, амамите, Крушумли ан… Сето тоа биле промени кои се правеле во годините пред катастрофалниот земјотрес од 1963 година и со кои Скопје го добивал ликот на вистинска метропола.
Но и на град кој неговите жители се повеќе го сакале и по кое „предземнотресно Скопје“ имаат голема носталгија. А во тоа е вградено и делото на народниот херој и градоначалник Наум Наумовски – Борче.