Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска организира научна расправа на тема „Макроекономијата по Големата рецесија 2007 – 2009 година – релевантноста на промените за економската наука и за македонската економија“.
Учесниците ќе дебатираат за промените во современата макроекономија детерминирани од Големата рецесија од 2007-2009 и од шоковите што уследија потоа, односно од рецесијата условена од КОВИД -19 во 2020 година и од енергетската криза што почна во 2021 година.
Како што е најавено, крупните промени во макроекономијата во периодот по 2007 година ќе бидат дебатирани во контекст на најзначајните проблеми со кои денес е соочена македонската економија.
За потребите на оваа научна расправа, Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ неодамна го публикуваше трудот на академик Таки Фити на истата тема „Макроекономијата по Големата рецесија 2007 – 2009 година – релевантноста на промените за економската наука и за македонската економија“.
Дискусиите од расправата, откако ќе бидат авторизирани од страна на учесниците, МАНУ ќе ги објави во посебен Зборник на трудови од научната расправа.