Голема злоупотреба при давањето на социјална помош, на социјални пензии… Сето ова вчера излезе на површина. Првин актуелниот министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски на прес-конференцијата соопшти дека на 2.252 лица незаконски им биле исплаќани средства за социјална помош како и за социјална пензија бидејќи имале и приватни моторни возила. Тоа, според него, државата годишно ја чинело ни помалку ни повеќе туку цели 3,2 милиони евра.
Обвиненија и сомнежите се тешки. Поранешната министерка, сегашна заменик-министер Јованка Тренчевска, му одговори на Велковски дека зборува невистини, дека се во тек проверките на сите случаи во соработка со МВР и се реагира каде имало незаконитост.
Но, што и да е, тврдењата и сомнежите се сериозни и не смее се да остане на објава и демант. На потег сега треба да бидат надлежните институции – како Министерството за труд и социјална политика така и МВР, Јавното обвинителство… Проверката во случај на незаконски исплатуваната социјална помош и пензии може брзо и лесно да се направи, а што значи дека случајот брзо треба да биде расчистен. Но, ако сето ова се покаже како точно, некој треба да поднесе одговорност бидејќи дозволил злоупотребите со исплатата на социјалната помош и пензии да се прават толку долго време. А било потребно само благоремено да се вршат проверките во евиденцијата на сопствениците на моторните возила.