Не е развоен буџет оној што ја заборава науката и талентите

Колумна на Никола Тасев:

 Македонија требало да биде спокојна. Владата следната година ќе ја „градела“ со буџет од 5,5 милијарди евра. Најголем досега, иако немаше некој раст оваа година за да се оправда тоа големо трошење. Ама развоен ќе бил буџетот – така велат министрите.

Треба ли да сме спокојни?

Владата на ДУИ и СДСМ истото го кажуваа и лани – дека ќе имаме развоен буџет. Заедничко на сите досегашни буџети проектирани од оваа политичка гарнитура се најавите дека се развојни, но заедничко е и дека реално развој во Македонија не видовме. Тапкаме во место, парите немилосрдно се трошат, задолжувања се редат и станаа загрижувачки.

Ова мора да престане! Владата се однесува како да има буре без дно, полно со злато и дијаманти. Народните пари лесно им летаат за се и сешто.

Ако се погледнат ставките на што засилено ќе се троши, но и тоа каде ќе се крати, слободно може да се напише дека и во 2024 година ќе возиме „малку лер – малку рикверц“.

И замислете, ќе кратат најмногу кај младите и кај науката. Ќе кратат од иднината на Македонија, од она што може да гарантира реален и константен развој. Ако во Владата планираа вистински развој ќе насочеа повеќе пари во науката, во истражувањето и иновациите. Ќе инвестираа за државата да си го најде своето место на светската научна и образовна мапа. Тука не треба да се крати, оти секој денар вложен во науката, многукратно ќе се врати.

А имаме учени луѓе, научници, иноватори, таленти… Пред некоја година Универзитетот Стендфорд објави топ листа на научници од целиот свет. Во самиот врв, меѓу 2 отсто од најпризнатите беа шестмина од Македонија. Признати и посакувани во светот, а речиси непознати за нашите власти, и без доволно добри услови за творење.

Среќа ќе има изборипа очекувам новата власт да ги повика и да праша што им треба, да се создадат услови, да се отворат или дoнаправат разни лаборатории и истражувачки институти, каде што таквите авторитети ќе творат, а воедно и ќе подготвуваат и образуваат нови кадри. Па во Македонија да доаѓаат студенти и асистенти од цел свет, за да учат од нашите научници. 

Тоа е развојна инвестиција! Државата да предизвика, да плати нашите научници во Македонија да носат колеги од странство и да творат заедно. А младите да асистираат, да учат од нив. Тоа не е скапо, само треба да се има визија. Скапо беше кога се даваа пари за тренирање магариња.

Во развиениот свет пракса е државите да им помагаат и на компаниите што се иновативни, што патентираат изуми, што го освојуваат меѓународниот пазар со своите производи, што отвараат нови работни места. Дали тоа ќе биде со даночни олеснувања или со конкретни грантови на уште поконкретни развојни проекти, не е важно. Важно е да се стимулираат компаниите каде што има експерти и знаење. Па тоа го прават САД, Германија…. Оти финансиски не се помогне, на пример во Алкалоид или во Витаминка за да им се овозможи да измислат, да направат некој нов производ, со кој ќе се „освојува“ светот. Зошто од нив само се барат да даваат, а сега и со дополнителни даноци се товараат?

Не, не ги заборавив и најмладите таленти. Напротив ги нагласувам, како лица кон кои барем новата власт треба повеќе да гледа. Македонија е непресушен извор на млади, основци и средошколци кои на разни напревари по математика, физика, хемија… од странство се враќаат со бројни медали. Освојуваат олимпијади како од шега, иако, најчесто тоа е само нивен труд и несебичност – посветеност на нивните ментори (професори во училиштата и факултетите). Сигурен сум дека ќе успеваат многу повеќе ако им се создадат услови, ако не мора самите да трчаат по спонзорства за да истражуваат, па дури и за да отпатуваат на натпреварите. Ќе се откријат така и нови таленти.

Тие млади надежни научници немаат доволно шанса да просперираат од разни псевдо иноватори – партиски послушници. И се додека со парите од буџетот ќе се гаси партиската жед и незадоволство, младите научници ќе ни ги крадат другите држави.

Зарем за наброеново нема пари во толкав буџет? Сегашната власт проценила дека нема. Тие други работи сакаат да развиваат. За жал на Македонија.

Претходна вестПелистер испрати жалба до ЕХФ за судењето во натпреварот против ПИК Сегед
Следна вестЗемјата наскоро ќе биде погодена од силни соларни бури