Земјата наскоро ќе биде погодена од силни соларни бури

Астрономите забележаа огромна област на површината на Сонцето, прошарана со сончеви дамки, чија активност наскоро ќе биде насочена кон Земјата. На областа широка околу 200.000 километри, или 15 пати поширока од пречникот на Земјата, во наредните недели ќе има силни коронални масовни исфрлања, кои би можеле да ја „удираат“ Земјата и да предизвикаат геомагнетни бури, кои имаат потенцијал да ја нарушат радиокомуникацијата и да предизвикаат живописна поларна светлина дури и во области каде што не се очекува.

Откривањето на овој „архипелаг“ од сончеви дамки, како што научниците ја нарекоа областа, е најновиот знак дека Сонцето брзо се приближува до врвот на својот 11-годишен циклус, познат како соларен максимум, кој треба да започне следната година.

За време на соларниот максимум, сончевите дамки се појавуваат многу почесто и се поголеми по големина, а новооткриената група го претставува „веројатно најголемата регија на сончеви дамки во тековниот сончев циклус“, наведе метеорологот Крис Виклунд на Твитер.

– Следните 14 дена би можеле да бидат многу интересни, додаде тој, според „Лајв саенс“.

Иако се очекува следниот соларен максимум да биде уште послаб од претходните, сепак може да го наруши секојдневниот живот на нашата планета.

Имено, интернет комуникациите, од кои денес зависи глобалната економија, се создадени во време кога сончевата активност била релативно мирна, предупредува професорот Питер Бекер од Универзитетот „Џорџ Мејсон“ во интервју за „Фокс ветер“.

– Ова е првпат во историјата на човештвото зголемената сончева активност да се поклопува со периодот на нашата зависност од Интернет, истакна експертот.

Сончевите блесоци, односно силните локализирани ерупции на електромагнетно зрачење во атмосферата на Сонцето, можат да имаат силно влијание врз Земјата.

На пример, по успешното лансирање на сателитот „Старлинк“ минатиот февруари, поради мала геомагнетна бура, 38 од 49 уреди не стигнаа до крајната орбита и изгореа при непланирано повторно поминување низ атмосферата на Земјата.

Тој соларен настан беше точно предвиден однапред, но во иднина може да се случи да имаме само „околу 18 часа да се подготвиме пред честичките да стигнат до Земјата и да го нарушат магнетното поле“, додаде Бекер.

Според неговите тврдења, големото количество плазма, загреана материја што ја „бомбардира“ нашата планета, може да ја загрози дури и заземјената електроника, како што се оптичките кабли, навигациските системи, комуникациската опрема и, како што се очекуваше, сателитите.

Претходна вестНе е развоен буџет оној што ја заборава науката и талентите
Следна вестРетроспектива на филмски остварувања на „Петра Пан продукција“ во Кинотека