Не е само Деловникот проблем: Кога ќе ги скратат прескапите патни трошоци?

Македонските граѓани на сите анкети покажуваат извесна разочараност од парламентот и парламентарците. Причини за тоа има многу велат тие на социјалните мрежи.

Една од причините е нефункционалноста. Во правец тоа да се средело, во македонскиот парламент денеска ќе се прави нов обид да започне усвојувањето на новиот Деловник за работа на пратениците. Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања пак ќе заседава откако минатата недела практично не ни почна бидејќи се случи амандамнското „цунами“ со кои беше блокиран почетокот на процедурата. Вкупно околу 2.000 амандамни, од кои само од опозициската „Левица“ 1.850 се поднесени, со цел да се спречи усвојувањето на Деловникот онаков каков што си го договорија најголемите коалиции предвидени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. А спорно е тоа што најголемите партии практично договорија сите собраниски процедури за усвојување и на најважните закони да завршуваа во максимален рок од пет дена.

Ова се чини значи дека опозицијата во парламентот ќе има право малку да џафка, а мнозинството ќе има право да ги почека пет дена и потоа да си тера по свое

Друга причина за разочараност на граѓаните од парламентот се превисоките патни трошоци кои ги добиваат пратениците.

Ама за ова прашање, еве, нема никаков обид да се среди. А силно ветуваа.

Никој пратениците не се обиде сега кога зборуваат за Деловникот да го отвори прашањето за исплатата на патните трошоци на пратениците. А имаа можност и пред две години, кога „Левица“, поднесе предлози за законски промени со кои пратениците наместо досегашните 20 отсто од продажната цена на еден литар гориво би добивале максимум 5 проценти, со што надоместокот практично се сведува на вредност од автобуски билет.

Но, за предогот од присутните 108 пратеници само 19 пратеници гласаа „за“. И толку, си остана старото решение врз основа на кое народните избраниси сега може да земаат илјадници евра.  Па така, во февруари медиумите објавија како 73 пратеници лани наплатиле дури 360.000 евра за патни трошоци. Има пратеници кои зеле по околу 9.000 евра, други по 6.000 евра, трети…

Парламентарците имаат време пред крајот на мандатот ова да го скратат. Ќе го направат ли тоа?

ПС. За другите причини поради кои граѓаните се разочарани од народните избраници – во друга прилика.

Претходна вестБанката не смее да наплатува за затворање платежна сметка, дебитни и кредитни картички
Следна вестЗемјите од ЕУ си воведуваат контроли на меѓусебните граници – си поставуваат војници со оружје, панцири…