Можеа да останат живи, им нудеа слободен премин во Бугарија, награда од милион лева само за да живи се предата и да кажат се што знаат за партизаните во прилепско но не прифатија. Решија херојски да загинат и своите животи да го положат на олтарот на борбата за слобода на македонскиот народ и за создавање на сопствена држава. Таков хероизам покажале прилепските партизани Кире Гаврилоски – Јане и Круме Волнароски – Коља во последната година од Втората светска војна, кога веќе беше извесно дека фашистичките окупатори на Македонија ќе бидат поразени. Тие херојски загинуваат на денешен ден, 9 мај 1944 година откако биле предадени на бугарската окупаторска полиција која брзо ги опколила и сакала да ги затвори и мачи за да ги откријат соборците. Со тоа завршил и нивниот револуционерен пат но споменот на нив не згаснува.
Кирил Алексов Гаврилоски – Јане е роден во Прилеп на 22 февруари 1918 година како трето дете во семејството на Сава и Алекса Гаврилоски, кои, покрај Кире, ги имаа и постарите деца, Весела и Борка, и подоцна родените, Љубица, Ружа и Загорка. Како трговски помошни се вклучил во работничкото движење во Прилеп при што од своите трговски патувања во градот често носел брошури и книги со револуционерна содржина. По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија, Гаврилоски како член на КПЈ од таа година активно работел во подготовките на НОВ. На 13 јули 1941 година бил меѓу првите прилепчани кои биле уапсени од страна на бугарската окупациона полиција. Таму бил притворен две недели. Кога на 11 октомври 1941 година започнало вооруженото востание против окупаторот, во Прилеп следниот ден имало апсења од страна на полицијата. Гаврилоски бил уапсен и брутално мачен. По пуштањето од затвор, од Месниот комитет добил препорака да дејствува на село. Тогаш го добил прекарот Јане и дејствувал во Поречието. Одвреме навреме одел во Прилеп да реферира, да добива директиви и да испраќа извештаи. Откако во поречките села била воспоставена добра организација, Гаврилоски бил испратен во селата југозападно од Прилеп, во пелагониските села до крушевско и битолско. Одржувал врски со одредот „Димитар Влахов“ и учествувал во борби околу селата Дреновци, Горно Село и Дабница. Од 16 септември 1942 година преминува комплетно во илегала и дејствува во партизанските одреди.
Есента 1943 година бил избран и за член на Вториот областен комитет на КПМ во Битола. За време на првото ослободување на Кичево, во септември 1943 година, станал секретар на Срескиот комитет во Кичево.
Круме Ицков Волнароски, познат како Коле или Коља е роден 1909 година во Прилеп како едно од петте деца на Арсена и Ицко Волнароски. Бил одличен ученик а потоа почнал да работи како трговец кај трговското семејство Попевци, апото ас евклучува и во ревикуцуонерното движење. Поради своите активности во политиката и активизмот на Здружената опозиција, тој во 1938 година бил прогласен за најакивен пропагандист на идејата. Тој бил и еден од потписниците Методија Андонов Ченто да биде на списокот на Здружената опозиција. На професионален план, Круме имал одлична соработка со Ченто и тие ги здружиле трговиите. Ченто имал ан, а Круме бакалница. Тогашните локални власти се посомневале дека во анот и бакалницата се собираат антифашисти. По нападот на Нацистичка Германија врз СССР, Круме и Ченто пуштиле проглас на ПК на КПЈ за Македонија низ Прилеп. Тоа било проследено со апсење и тортура. Тие биле ослободени откако не признале ништо за нивниот политички активизам. Станал член на КПЈ во 1941 година и работел во Партиската техника на МК на КПЈ во Прилеп, а како илегалец во 1942 и 1943 година во прилепските села собирал народна помош и формирал воени комитети и НОО. Во 1943 година имал задача да оди по прилепските села и да формира народноослободителни одбори. Оваа задача ја завршил со особен голем успех во рок од 3 месеци. Во тој период формирал мрежа на одбори во Коњаријата и Тополчанско. Тој се стекнал со големи симпатии меѓу луѓето. Поради овој успех, тој станал секретар на ОК на КПМ, во периодот на 1943/1944 година. Како негова помош му пристигнал Кире Гаврилоски со кого заедно и ќе загинат на 9 мај 1944 година.
Ноќта на 8 кон 9 мај 1944 година во Прилеп Кире Гаврилоски и Круме Волнароски оставриле средба со други делегати од иницијативниот одбор на АСНОМ, со цел избор на претставници од Прилеп и околината за собранието. По вечерниот состанок, утрото делегатите започнале да заминуваат кон своите дотогашни локации, а Гаврилоски и Волнароски останале во куќата каде што бил состанокот. На заминување, еден од овие делегати (Генади Лешко) е запрен од Вера Ѕвездова, која почнала да се распрашува за престојот на Лешко во градот. Иако Лешко негирал било каква поврзаност, Ѕвездова упорно му тврдела дека тој таму прави нешто. Потоа му кажала „да останете уште малку“ и му дала сигнал на едно дете, кое веднаш се стрчало во сокакот. Така Генади Лешко решава да оди кон дуќанот на една од партизанските врски. Таму ја известува врската за настанот со Ѕвездова и предупредува дека можеби ќе дојде до провала, со цел борците да бидат итно предупредени! Ова предупредување стигнува до нив кон 13 часот и Волнароски и Гаврилоски одлучуваат да се префрлат уште денски во друг стан. Префрлањето никогаш не го реализирале.
Околу 15 часот бугарската полиција го опколува маалото каде се наоѓа куќата каде се криеле партизаните. Во куќата е и Цветанка Наскова која пробала да ги скрие и да им помогне. Групата со помош на Наскова се обидела да изведе трик дека избегале, но овој не поминал успешно кај полицајците кои знаеле дека тие се на таванот. Престрелката на почетокот била слаба со цел борците да бидат фатени живи од полицијата, а тие добиле и понуди дека ќе им бидат дадени слободен премин во Бугарија и награда од милион левови ако се предадат и кажат се што знаат. Гаврилоски и Волнароски решиле да се борат до крај.
-Титовите борци не се предаваат на фашистички гадови… Да живее слободна Македонија…. Да живеат славните партизански бригади, извикуваа тие.
Куќата била запалена но борците продолжиле храбро да стрелаат од неа и покрај пламенот. Паралелно тие пееле и извикувале разни антифашистички пароли, во кои особено се истакнал Волнароски. Тој, откако сфатил дека во пожарот ќе се сруши кровот, истрчал низ вратата сакајќи да го пробие обрачот, но бил покосен пред самиот праг на куќата. Гаврилоски најверојатно се самоубил пред да биде проголтан од огнените јазици во пламената куќа. Последниот куршум го чувал за себе. И двајца по војната биле прогласени за народни херои.