Не сакаме да не зрачат 24 часа: Станарите од зградата на „Димче Мирчев“ бр. 20 бараат реакција од институциите

Реакција од општински и други институции за да се спречи отворањето на приватна поликлиника во која ќе се вршат бројни радиолошки снимања во приземјето на нивната осумкатница бараат станарите од зградата на улицата „Димче Мирчев“ број. 20 во скопската општина Центар. Тие сметаат дека ќе бидат постојано изложени на зрачење, а и тоа дека здравствениот објект кој веќе почнал да се гради ги нема потребните дозволи и согласности од станарите за да работи во приземјето на станбената зграда.

Во дописот испратен до нашата редакција во „Скопско Ехо“ станарите наведуваат дека се противат на отворањето на таквата поликлиника бидејќи таа „ќе го загрози здравјето на сите станари во 147-те станови, колку што ги има во зградата“.

-Фирмата сега планира тука да смести цела поликлиника на тој простор. Предвидена е и рентген дијагностика со апарати за мамографија, Ртг дијагностика, Компјутерска томографија каде зрачењето е најголемо и Магнетна резонанца. Ние не сакаме да не зрачат 24 часа. Колку сака совршено да се изведе пренамената на просторот, зрачење има. Такви машини не смеат да бидат во станбен објект никаде во светот, ама кај нас е дадена дозвола не знаеме како и од кого, реагираат станарите во дописот.

Станарите на ова зграда, којашто се наоѓа веднаш спроти седиштето на МВР, укажуваат и на тоа дека никој од станарите не побарал ниту согласност за пренамена на просторот околу зградата.

-Да не зборуваме за нарушување на статика кога на плоча направена за станбен објект ќе се стави апарат од 7 тона, и плус оптеретување од изолацијата на ѕидовите со оловни или бетонски плочи. На никој не му е јасно како се добиени било какви дозволи. Веке трета недела се копа и се пренаменува просторот со цел да се заврши се што поскоро. Стои рок за 96 дена дека планираат да завршат со сите активности, алармираат граѓаните за овој проблем.

Инаку, фирмата којашто планира да ја отвори поликлиниката веќе испратила допис до фирмата којашто се грижи за одржување на оваа станбена зграда за да биде запишана како член на зградата. Таму се објаснува дека ќе биде отворена приватна поликлиника на простор од 1.004 метри квадратни и со 25 паркинг места.

-Поликлиника ќе биде најсовремена, ќе има два дела: специјалистичко-консултативен и оддел за радио-дијагностика… Сите ѕидови ќе бидат обложени со заштитни оловни слоеви, согласно пропишаните упатства и правила, се наведува во дописот.

Станарите, пак, во својот допис објаснуваат дека имале средба со инвеститорот: „Имаше презентација од нивна страна во „Јавна соба“ како одговор на нашите реакции. Останаа глуви на нашите коментари… и нашите барања да си бараат друга локација да не ни го нарушуваат правото да живееме нормално дека станбена зграда не е место за болница“.

Станарите воедно мислат дека и долниот дел од просторот, под кој е подземен гаражен простор за нивните возила ќе може да издржи толкаво оптоварување.

– На нашите барања упатени до сите засегнати институции добивме одговор дека воопшто немаат добиено барање за дозвола за ваква поликлиника…

-Ова нека излезе во јавност па можеби некоја институција ќе се осети повикана да се ангажира да ни ги спаси децата, нагласуваат станарите од зградата на ул. „Димче Мирчев“ бр. 20.

Претходна вестБританка го предаде најважниот меч во животот – не сакаше да игра против жена која до неодамна беше машко
Следна вестМакедонија вечерва игра со Италија; Елмас: Не се плашиме храбро ќе излеземе на терен