Не тераат ли големите пекари лебот да си го правиме дома?

Дојде време леб да нема на рафтовите низ Скопје. Напредуваме. Со што граѓаните го заслужија овој голем чекор кон подобра иднина?

Продавниците каде што вообичаено секојдневно скопјани купуваат денеска не добиле редовни количества на леб откако големите пекарски производители решија да ја прекинат испораката. Незадоволни биле откако Владата реши да ја замрзне цена на белиот и полубелиот лебот на 33 денари.

На гондолите утринава можеше да се најдат само специјални видови леб кои се добиени во изминативе денови, но чијашто цена е значително поголема од 33 денари. Дел од граѓаните беа изненадени-разочарани од тоа што не можеа да си купат од лебот кој што го сакаат.

-Големите пекари претеруваат. Земаа субвенции, а не ја намалија цената како што требаше. Сега пак и лути биле. Очигледно, дојде време лебот пак да си го правиме дома, ни рече еден револтиран граѓанин.

Другите купувачи, пак, беа во дилема дали наместо белиот и полубелиот леб да купат некој од специјалните видови леб.

-Ќе морам да купам од поскапите лебови. Но, тие се со цена од 50, 60… денари па нагоре. Денеска ќе купам по таа цена оти дома немаме ниту трошка леб. Но, потоа ќе барам од помалите пекари кои имаат поразумни цени, ни вели една аеродромка.

Продавачите само немо си ги креваа рамениците.

-Не добивме леб, никаков, ни нов бел ни полубел, ниту, пак, специјални видови. Овие што се на гондолата се од изминативе денови. А кога и тие ќе се потрошат веќе нема да има никаков леб, ни рече една продавачка.

Таа постојано им даваше вакво објаснување на купувачите кои влегуваат во маркетот. Тие, пак, разочарано излегуваа прашувајќи се „гледа ли Владата што се случува и дали реагирале соодветно или ја искомлицираа работата, а и имаат ли душа големите пекари…“?

 

Претходна вестУапсен маж од Студеничани, се самозадоволувал пред жени во автобуси
Следна вестЕрдоган потврди: Избори во Турција на 14-ти мај